Авторот на книгата „Современи театарски осврти“, Звонко Димоски, се стреми да ги покажe трендовите и предизвиците со кои се соочува современиoт македонски театар, но и да ја прослави неговата моќ како медиум за комуникација и трансформација
Новообјавената книга „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски е збирка есеи што се обидува да го почувствува пулсот на современата театарска сцена во Македонија преку анализа и интерпретација на одбрани претстави во продукција на националните театри, како и независните продукции во периодот од 2021 до 2024 година. Авторот на книгата, културолог и преведувач, во предговорот кон книгата објаснува дека преку книгата се стреми да ги покажe трендовите и предизвиците со кои се соочува современиoт македонски театар, но и да ја прослави неговата моќ како медиум за комуникација и трансформација.
– Театарската анализа, дури и таа најкритичната, не е фронт на спротивните табори уметници против критичари – туку заеднички напор за унапредување на театарската уметност. Нејзината вистинска мисија е да биде мост меѓу изведбата и публиката поттикнувајќи подлабоко разбирање и вреднување на театарската форма – пишува Димоски во предговорот кон книгата.
Писателката Габриела Стојаноска Станоеска, во рецензијата на книгата „Современи театарски осврти“ го нагласува недостигот од книги и текстови што се занимаваат со критика и токму затоа го поздравува прекинувањето на молкот во македонската култура преку делото на Димоски.
– Од многуте значења на овој критичко-есеистички и теориски ракопис, во оваа пригода, нагласуваме две клучни: книгава е битно, компресирано сведоштво, документарен и вредносен монумент на состојбите на театарските сцени денес, а од друга страна ја има улогата на Хермес, на посредник помеѓу високите сфери на уметноста и обичниот гледач од нашето секојдневие кому му се нуди палета читања, толкувања и разјаснувања на презентираните естетски и комуникациски пораки, лични ставови на Димоски со кои може да се досликаат индивидуалните согледби на читателите и гледачите, имајќи ја во секое време, како најмоќен адут на располагање, штедро дадената слобода и можност за несогласување, неприфаќање, дебатирање и изнесување на поинакво лично доживување, мислење и толкување – подвлекува Стојаноска Станоеска.
Новинарката Сребра Ѓорѓиjевска, пак, во својата рецензија кон „Современи театарски осврти“ од Димоски пишува за комплицираноста да се биде објективен критичар во малата културна средина од една страна, но и аргументираните ставови лишени од субјективизмот што ги пласира Димоски во своите дваесетина осврти објавени во книгата.
– Посебна доблест на Димоски како автор, а и на оваа книга, е што речиси еднакво обрнува внимание на независната и на националната театарска сцена. Звонко Димоски во своите рецензии им дава крилја на театарските ентузијасти за да летаат, да создаваат. Тој истакнува проблесоци, кои се често похрабри, подобри и посовремени од тие што се сработени на националните сцени со многу покомотни буџети – нагласува Ѓорѓијевска.
Читателите, во книгата, ќе ги сретнат освртите за претставите „Круг“ на прилепскиот народен театар, „Инферно“ на велешкиот народен театар, „Артуро Уи“ на битолскиот народен театар, „Сите сме птици на Македонскиот народен театар“, „Три сестри“ на Албанскиот театар, но и на копродукцискиот проект „Човек перница“ на Турскиот театар и „Машина продакшн“, „Скопјани“ во режија на Милош Б. Андоновски, „Елегија во пет здива“ во продукција на Филип Петковски и велешкиот народен театар, „Кенди“ на независниот театар „Златен Елец“ и други.