Фото: Пиксабеј

Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи во неделата го најави отворањето на „Алкатраз“, озлогласен поранешен затвор, кој ќе служи како место за „најсуровите и најнасилни криминалци во Америка“.
– Му наложувам на Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, ФБИ и секретарот за внатрешна безбедност, повторно да го отвори значително проширениот и реновиран „Алкатраз“ за да се сместат најсуровите и најнасилни криминалци во Америка. Повеќе нема да бидеме заложници на криминалци, бандити и судии што се плашат да си ја работат работата и нема да ни дозволат да ги отстрануваме криминалците што нелегално влегле во нашата земја. Повторното отворање на „Алкатраз“ ќе служи како симбол на закон, ред и правда – напиша Трамп.
Трамп им рече на новинарите, по враќањето во Белата куќа подоцна истиот ден, дека тоа е „само идеја“ што му паднала на ум поради „радикализираните судии“, кои сакаат да обезбедат мигрантите да имаат право на фер судење кога се депортирани, според Си-ен-ен.
– Претпоставувам дека овие радикализирани судии сакаат судење за секое лице што е нелегално во нашата земја – рече тој.
Трамп рече дека „Алкатраз“ „бил тажен симбол, но е симбол на законот и редот“.
„Алкатраз“, кој се наоѓа на остров покрај брегот на Сан Франциско, функционирал како федерален затвор речиси 30 години пред да биде затворен во 1963 година „бидејќи институцијата била премногу скапа за да продолжи да работи“, според веб-страницата на Бирото за затвори. Процената беше дека ќе бидат потребни помеѓу три и пет милиони долари „само за реставрација и одржување за да се одржи затворот отворен“, не вклучувајќи ги секојдневните оперативни трошоци. „Алкатраз“ бил речиси трипати поскап за управување од кој било друг федерален затвор, според веб-страницата. „Алкатраз“ беше прогласен за Национален историски споменик во 1986 година, а денес е под управување на Националната служба за паркови. Околу 1,2 милион луѓе ја посетуваат оваа туристичка атракција годишно.