Дали сте знаеле

Вилијам Г. Морган (1870-1942), роден во државата Њујорк, останал запишан во историјата како создавач на одбојката, а првично ја нарекол „Mintonette“. Морган дипломирал на колеџот „Спрингфилд“ каде што се запознал со Џејмс Наисмит, кој во 1891. година ја измислил кошарката. Една година по дипломирањето отишол во Холиоки, Масачусетс, каде што станува директор за физичко воспитување. Тоа место му овозможило директно влијание на вежбите за рекреација, т.е. развојот на спортот. Неговото водство било одлично прифатено и неговите одделенија секојдневно се зголемувале. Сфатил дека би било добро да измисли некоја игра за рекреација со натпреварувачки карактер со што би ја збогатил својата програма уште повеќе и би ја направил поразновидна. Кошарката му се чинела како добар избор, но само за помладите ученици, бидејќи за оние постарите му требала некоја помалку насилна.
Во тоа време, Морган никако не можел да најде игра слична на одбојката, па ја создал од своите посебни методи на тренирање и рекреација. Опишувајќи ги своите први експерименти, Морган рекол:
„Во потрага по соодветна игра, прво тенисот ми падна на памет, ама за него ни се потребни топчиња, рекети, мрежа и друга опрема, па се откажав, но идејата за мрежа ми се чинеше погодна. Подигнавме мрежа на висина од 1,98 м, над главата на еден просечен маж. Ни требаше и топка. Прво ми падна на памет кошаркарската, но таа е преголема и претешка“. На крајот, Морган ја замолил фирмата „А.Г. Спалдинг енд Брос“ да направи соодветна топка. Резултатот бил кожена топка со пречник од 65 см и тежина од 300 грама. Потоа, Морган, со уште двајца пријатели, ги напишал првите правила на одбојката.

(Википедија на македонски)