Токму поради ваквите примери, кои даваат јасна слика во каков неред се наоѓа Брисел, Европа се доживува како сѐ помалку кредибилна, па затоа и не треба да зачудуваат барањата од македонска страна да добие јасни гаранции за својот европски пат, имајќи ја предвид европската неконзистентност, но и бугарската практика на постојано ретерирање од ставовите, со исклучок на оние што се однесуваат на негирањето на македонскиот идентитет, јазик и историја. Тие се конзистентни цел еден век
Контроверзните изјави околу наводниот инцидент на авионот на претседателката на ЕК над Бугарија отвораат многу прашања
Конфузијата што се случуваше деновиве со наводното попречување на ГПС-сигналот на авионот со кој претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, патуваше кон Бугарија најдобро ја отсликува хаотичната состојбата во која се наоѓа Европската Унија. Официјален Брисел, растргнат помеѓу желбите да се наметне како кредибилен играч на светската политичка сцена и во исто време да ги задоволи билатералните каприци на некои земји членки, и самиот влегува во замката на заткулисните игри, за потоа да наоѓа решенија и оправдувања што во крајна мера звучат несериозно.
– Можеме да потврдиме дека имало ГПС-попречување, но авионот слета безбедно во Бугарија. Добивме информации од бугарските власти дека се сомневаат дека тоа се должи на очигледно руско попречување – изјави портпарол на ЕУ, пренесоа британските медиуми.
Бугарската влада, од своја страна, соопшти дека ГПС-сигналот бил изгубен кога авионот на Фон дер Лајен се приближил до Пловдив во јужна Бугарија, што ги натерало контролорите на воздушниот сообраќај да се префрлат на системи за навигација на земја за да обезбедат безбедно слетување.
Во меѓувреме реагираше реномираниот интернет-портал „Флајт радар 24“, кој го мониторира авиосообраќајот низ светот, со информација дека во ниту еден момент немало никакви пречки во ГПС-навигацијата на леталото. На тој начин падна во вода целата конструкција за некаква безбедносна закана над бугарското небо.
Кратко потоа Брисел ретерираше од првичната изјава, која несомнено имаше цел да посочи на некаков непријателски напад врз електрониката на авионот на претседателката на ЕК, на што официјална Москва, која веднаш се препозна во европските обвинувања, кратко одговори дека тие немаат ништо со овој случај.
И кога пошироката јавност веќе крена раце од целиот случај, одново се јави бугарската влада да внесе дополнителна забуна со две контрадикторни изјави околу инцидентот.
Најпрво бугарскиот премиер Росен Желјасков изјави во парламентот дека авионот на претседателката на комисијата не бил блокиран, туку само доживеал делумно прекинување на сигналот, што е вообичаено во густо населените подрачја, со што се согласи и вицепремиерот и министер за транспорт Гроздан Караџов.
– Според емпириските податоци, според радиодетекцијата, евиденцијата на нашите агенции, цивилни и воени, не постои ниту еден факт што би го поткрепил тврдењето за пречки на ГПС-сигналот што влијаел на авионот – изјави Караџов за бугарската телевизија БТВ.
Но веќе по неколку часа бугарскиот премиер го промени мислењето и на вонредна прес-конференција излезе со ново тврдење со кое ја врати официјалната верзија на приказната за можноста за електронско војување поврзано со Украина.
– Имаше конфузија на информациите со прашања, факти и околности што беа толкувани на начин што имаше цел да им наштети на бугарските институции – рече бугарскиот премиер.
Тој појасни дека тоа што копнените инструменти не ги регистрирале пречките, не ја исклучува можноста дека се откриени од уреди на самиот авион.
Овој банален пример јасно говори за конфузијата што владее во самата ЕУ, која не може да изгради единствен став за ниту едно прашање, вклучувајќи го и тоа дали имало или не безбедносна закана кон претседателката на ЕК. Токму поради ваквите примери Европа се доживува како сѐ помалку кредибилна, па затоа и не треба да зачудуваат барањата од македонска страна да добие јасни гаранции за својот европски пат, имајќи ја предвид европската неконзистентност, но и бугарската практика на постојано ретерирање од ставовите, со исклучок на оние што се однесуваат на негирањето на македонскиот идентитет, јазик и историја. Тие се конзистентни цел еден век.
Дали Брисел почнува да сфаќа дека ја пропушти шансата да биде глобален светски играч?
Европската инфериорност низ призмата на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Признанието на Мерц за европската инфериорност несомнено е најдиректното признание од водечки европски политичар дека Европа е оставена на маргините во време кога во светот се случуваат огромни геополитички потреси, а дополнително е трагично тоа што Европа е тргната настрана дури и кога се бара решение за конфликтот што се случува на европско тло, оној во Украина
Водечките европски лидери стануваат свесни дека неконзистентните и непринципиелни политики направија од Европската Унија целосно некредибилен партнер, а кога довербата ја нема, тогаш Европа не е поканета да учествува во клучните геополитички процеси. Неодамна и германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази загриженост за улогата на Европа во светот.
– Она што ме загрижува и, морам да признаам, ме оптоварува е фактот дека ние како Европејци во моментов не ја играме улогата во светот што всушност ја сакаме и треба да ја играме, за соодветно да бидат заштитени нашите интереси – рече Мерц, актуелен германски канцелар и лидер на ЦДУ, во интервју за партискиот канал ЦДУ.TВ, објавено неодамна.
Тој го илустрираше тоа со актуелната европска улога во наоѓањето решение за ставање крај на војната во Украина.
– Во моментов не сме во можност да извршиме доволен притисок врз Путин да заврши оваа војна. Зависиме од помошта на Американците. Во исто време, земји како Кина, Индија и Бразил влегуваат во нови партнерства со Русија – посочи Мерц, кој не ги крие сопствените амбиции да биде идниот европски лидер.
Несомнено, ова е најдиректното признание од водечки европски политичар дека Европа е оставена на маргините во време кога во светот се случуваат огромни геополитички потреси, а дополнително е трагично тоа што Европа е тргната настрана дури и кога се бара решение за конфликтот што се случува на европско тло, оној во Украина.
Анализите на дел од аналитичарите одат во насока на достигање на точката од која Европа нема да може да се врати назад ако сега не преземе радикални чекори.
– Германскиот канцелар Мерц, кој себеси се гледа како иден европски лидер, јасно ги констатира состојбите дека оваа Европа никаде ја нема на глобалната мапа, Европејците не се прашуваат за ништо. Францускиот претседател Макрон, кој себеси се промовираше во некаков нов европски лидер, сега е повеќе зафатен со состојбите дома и со сѐ помалата поддршка што ја има меѓу Французите. Кога ги нема Германија и Франција на европското кормило, тогаш за која Европа говориме и за каков правец по кој ќе се движи таа? Кој ќе ја покани на која било маса една ваква ЕУ, растргната, разединета, без конзистентна надворешна политика, без моќ да носи одлуки и, што е уште поважно, да ги спроведува тие одлуки во пракса. Очигледно сите ја имаат оставено Европа настрана, а таа, сѐ додека не се обедини, не се реформира внатрешно, не го заврши процесот на проширување, ќе талка наоколу без да биде сметана како сериозен партнер – заклучуваат аналитичарите. С.Т.