Првиот натпревар е на гости на 22 или на 23 март, а реваншот е во Скопје на 29 или на 30 март. Во полуфиналето победникот на дуелот Алкалоид-Баја Маре ќе игра со подобриот од дуелот Олимпијакос-Рунар Сандефјорд
РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА ЕВРОПСКИОТ КУП
Ракометарите на Алкалоид за место во полуфиналето во Европскиот куп ќе играат против романскиот претставник Баја Маре, реши вчерашната ждрепка влечена во Виена (Австрија). Избраниците на тренерот Кирил Лазаров првиот натпревар ќе го играат на гости, а реваншот е во Скопје.
За пласман во четврт-финалето Алкалоид во ова европско натпреварување беше подобар на средбите со Драгунас Клаипеда (Литванија), Вест Виена (Австрија) и со Бриксен (Италија), при што на шесте натпревари забележа исто толку победи. Баја Маре, кој сезонава има четири победи и два пораза, во минатата сезона во Европскиот куп играше во полуфиналето, а во сезоната 2021/2022 беше финалист.
Во Виена вчера беше влечена и ждрепката за полуфиналето во Европскиот куп, па вкупниот победник на дуелот Алкалоид-Баја Маре ќе се соочи со подобриот од дуелот помеѓу грчки Олимпијакос и норвешки Рунар Сандефјорд.
Првите натпревари од четврт-финалето на програмата се на 22 и на 23 март, а реваншите се закажани за 29 и за 30 март. Г.И.
ЕВРОПСКИ КУП, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Баја Маре (Романија) – Алкалоид (Македонија)
2. АЕК (Грција) – Партизан (Србија)
3. Олимпијакос (Грција) – Сандефјорд (Норвешка)
4. Хаукар (Исланд) – Извиѓач (БиХ)
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 3
Победник 2 – Победник 4