Како туристичкото цунами на албанското морско крајбрежје предизвика нагло зголемување на цените
Три и пол часа јужно од главниот град Тирана, кривулест пат води до плажа од 300 метри со кристално сини води и песок со камчиња. Тука, на работ на Јонско Море, посетителите можат да изнајмат лежалка за 10 евра, под претпоставка дека ќе најдат паркинг покрај земјениот пат и нема да им пречи да бидат блиску до својот сосед. Пред десет години, местото Јале беше скриен бисер за локалното население, кое бесплатно кампуваше на плажа. Сега, двете страни на патот се преполни со градилишта, а голем инвеститор ветува дека некогаш мирното село ќе го направи луксузно одморалиште за светската елита. Стариот премин на Јале од природен и донекаде неоткриен рај во популарна туристичка дестинација е микрокосмос на порастот на популарноста на Албанија, како и за придружните општествени и еколошки проблеми со кои се соочува земјата, пишува угледниот портал „Политико“ во напис што открива како подемот на туризмот во земјата доведува до пораст на цените.
Социјалните мрежи го зголемија приливот на туристи
Додека голем дел од светот сè уште беше во карантин поради пандемијата на ковид-19, Албанија ги отвори своите врати за посетителите во јули 2020 година. Туристите желни да видат нешто друго, освен своите четири ѕида брзо одговорија на повикот, со над 5,6 милиони што ја посетија Албанија во 2021 година, што беше зголемување од 114 проценти во однос на 2020 година. Но отворените граници не беа единственото нешто што ги привлече туристите.
Другите популарни европски туристички дестинации, како што се Италија, Шпанија и Португалија, стануваа сè поскапи, а Албанија нудеше природа и плажи од светска класа за мал дел од нивните цени. Во 2020 година, ноќевање во хотел на плажа со појадок можеше да чини само 30 евра во август, а цените за лежалките почнуваа од три евра.
Додека некои патници ги пронајдоа патот до Тирана и плажите преку усни информации, социјалните медиуми ја промовираа идејата за одмор во Албанија. Во 2024 година, Албанија имаше повеќе од 3,8 милиони објави на Инстаграм со над 106 милијарди прегледи, достигнувајќи ги соседните и долгогодишни познати дестинации како Италија и Грција. Она што беше постојан прилив на посетители се претвори во поплава.
Во 2023 година, дојдоа рекордни 10 милиони туристи, што е зголемување од 35 проценти во однос на претходната година, според податоците од Националниот институт за статистика. Во 2024 година, 11,7 милиони ја посетија земјата, во уште еден рекорд што претставува зголемување од 15 проценти, според министерката за туризам Мирела Кумбаро. Оваа година, владата се надева на повеќе од 15 милиони посетители, што е многу за земја со население од 2,7 милиони.
Со оглед на тоа што посетителите сега генерираат околу осум проценти од бруто-домашниот производ на земјата и создаваат десетици илјади работни места, една од најсиромашните земји во Европа не може лесно да се откаже од туризмот.
Европејците го сочинуваат мнозинството посетители, а Германците, Италијанците, Полјаците и Французите се на врвот на листата, објавија локалните медиуми.
За разлика од другите европски дестинации како што се Италија или Франција, Албанија е помала земја каде што посетителите можат да истражуваат планини и плажи за еден ден.
Градежен бум
Владините претставници, кои сакаат да ја претворат Албанија во главна туристичка дестинација, ги ослободија меѓународните хотелиери од данок на добивка во период од 10 години, доколку градат хотели со четири или пет ѕвездички. Даночната иницијатива беше воведена во 2019 година, но беше продолжена претходно оваа година до 2027 година.
– Ова се големи инвестиции. Оваа иницијатива е од корист само за одреден сегмент од секторот – оние што имаат цел да ја подигнат индустријата на повисоко ниво – изјави за албанските медиуми Бленди Клоси, пратеник во парламентот, кој го предложи продолжувањето.
Шемата функционираше добро. Неколку меѓународни брендови, како што се „Мериот“ и „Радисон“, отворија хотели, додека зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, е подготвен да претвори еден албански остров во луксузно одморалиште.
Сепак, критичарите предупредуваат дека на плажите им недостига доволно простор за да ги сместат посетителите што ваквите одморалишта би ги донеле во областа и дека природата се уништува во име на туризмот.
Аеродромот Валона, кој наскоро треба да се отвори на југот од земјата, веќе предизвика контроверзии околу неговата близина до заштитено подрачје. Во исто време, насочувањето на водата од внатрешноста кон крајбрежните одморалишта за да се задоволи побарувачката ги иритираше активистите и локалното население, предизвикувајќи протести.
Поминаа деновите на евтини патувања
Туристите сè уште можат да најдат помалку развиени делови од Албанија за да ги истражат, но деновите на евтини патувања во земјата во голема мера се завршени.
Просечната потрошувачка по посетител се зголемила за 20 проценти на годишно ниво во 2024 година, при што туристите потрошиле пет милијарди евра во земјата таа година. Експертите и бизнисите тврдат дека поголемата побарувачка значи поголем притисок врз синџирите на снабдување и зголемени трошоци од увоз на стоки. И како што растат трошоците, локалното население, кое некогаш ги посетувало плажите и природата, е истиснато од туристите, но не само поради повисоките цени.
– Ѓубрето станува голем проблем насекаде. Ниту една од општините не е во можност да го среди или да врши рециклирање – рече Арбен Кола, туристички водич и екологист.
Неколку фејсбук-групи посветени на туризмот во Албанија содржат објави од посетители што се жалат на ѓубре покрај патиштата или на бреговите, заедно со жалби за градежништвото и за високите цени.
– Албанија некогаш беше нешто диво, само кампување, младина, забава и природа. Сега е како Монако. Нема простор за локалното население – заклучува новинарката Денада Јуши. Н.М.