Додека лидерите во Франција и Германија се преокупирани со домашните политички предизвици, Полска сега се префрла во лидерска улога. Покрај безбедноста, Полска има цел да ја зајакне економската отпорност на ЕУ. А една од клучните цели на Полска за шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ е и унапредување на процесот на проширување на ЕУ, особено за Украина и Молдавија
Со преземање на претседавањето со Советот на ЕУ, Полска презема и дел од товарот на многубројните искушенија на Унијата
Со слоганот „Безбедност Европа!“ Полска го презеде ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија во 2025 година, во клучен период кога 27-члената групација на земји се соочува со кревка економија, со последиците од војната во Украина и со пречки за проширувањето, пренесуваат светските медиуми.
Дополнително на променливиот геополитички пејзаж, враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа месецов, со неговата агенда „Америка на прво место“, предизвикува загриженост за потенцијалните нови царини на САД за европскиот извоз, како и за зголемениот притисок врз земјите од ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана.
Додека лидерите во Франција и Германија се преокупирани со домашните политички предизвици, Полска сега се префрла во лидерска улога.
Полскиот премиер Доналд Туск на 3 јануари ги повика своите партнери од ЕУ да се фокусираат на силата и издржливоста.
– Ако Европа е немоќна, нема да преживее. Мораме да ги заштитиме слободата и суверенитетот и да ја направиме Европа повторно силна – рече Туск.
Безбедноста во фокусот
Безбедност, безбедност, безбедност – одбранбена безбедност, енергетска безбедност и безбедност на храната, истакна полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски за „Гласот на Америка“ на прашањето за главните цели на Полска.
Војната во Украина ја стави Полска на првата линија на одбраната на Европа и НАТО. Полска, која инвестира 4,7 отсто од својот БДП во одбраната, далеку надминувајќи ги побарувањата на НАТО од два отсто, ги притиска земјите членки на ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана и да развијат стратегија за колективна безбедност.
– Два процента не се доволни. Тоа е апсолутен минимум – изјави полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш, што е во согласност и со барањата на новоизбраниот американски претседател Трамп до европските нации да трошат повеќе за својата одбрана.
Полскиот министер за одбрана додаде дека нациите што нема да ги исполнат овие цели ризикуваат да го изгубат влијанието во стратегиските одлуки.
– Европа мора да направи повеќе за безбедноста, не за да ги замени Американците во Европа, туку да ги задржи во Европа – рече Косињак-Камиш.
Покрај безбедноста, Полска има цел да ја зајакне економската отпорност на ЕУ. Тоа вклучува поттикнување на конкурентноста, зајакнување на трговската независност и справување со енергетските предизвици влошени од војната во Украина.
Потпретседателката на фондацијата „Рес публика“, Магда Јакубовска, истакна дека Полска гледа можности да ги претвори одбранбените инвестиции во економски предности, создавајќи поробусна и иновативна европска одбранбена индустрија.
Унапредувањето на процесот на проширување на ЕУ меѓу клучните цели
Една од клучните цели на Полска за претседавањето е и унапредување на процесот на проширување на ЕУ, особено за Украина и Молдавија. Министерот за надворешни работи Сикорски истакна дека Молдавија може побрзо да напредува, додека патот на Украина кон ЕУ е покомплициран поради нејзината голема, разновидна економија, како и војната со Русија. Тој посочи дека интеграцијата на Украина во ЕУ ќе бара значително усогласување со европските регулативи.
– Украина мора да ги усогласи своите национални закони со постојните регулативи на ЕУ – објасни Сикорски.
Украина и Полска, исто така, треба да решат некои билатерални економски и историски спорови.
Јакубовска ја истакнува активната улога на Полска како силен застапник за интеграцијата на Украина и Молдавија во ЕУ. Таа го нагласи и стратегискиот интерес на Полска за поттикнување на демократските соседи со слободен пазар на исток, цел што, според неа, значително ќе ја зајакне регионалната стабилност.
– Европската безбедност многу зависи од соседството, од безбедното соседство. Значи, пристапот на Украина е еден, но го имаме и Западен Балкан. Ја имаме Грузија. И ова е важно за да се постави европски тон, европска агенда и европски приоритети во тие земји – рече таа.
Јакубовска вели дека претседателството ѝ нуди на Полска платформа да влијае на ставот на ЕУ кон тие нации, работејќи на осигурување дека источните граници на Европа остануваат безбедни и политички усогласени со демократските вредности.
Тест за лидерство
Полското претседателство исто така го истакнува растечкото влијание на земјите од Централна и Источна Европа во рамките на ЕУ. Географската локација на земјата и историското искуство со авторитарни закани ѝ даваат единствена перспектива за предизвиците на Европа.
Балтичките држави и Полска склучија силни сојузи, особено како одговор на руската агресија. Со приклучувањето на Шведска и Финска во НАТО, овој регионален блок стана клучен играч во обликувањето на политиките на ЕУ и НАТО.
– Ова е можност Централна Европа да покаже лидерство. Претседателството на Полска може да го постави тонот за тоа како ЕУ се движи кон безбедносните, интегративните и економските предизвици во наредните години – смета Јакубовска.
Таа верува дека Туск, кој беше претседател на Европскиот совет пет години, ја разбира сложеноста на Брисел и неговото лидерство ќе биде од клучно значење за полското претседателство да биде ефективно.
– Подготвени сме да водиме и да се бориме за слободата и суверенитетот на Европа – рече Туск за време на церемонијата на преземање на претседателството во Варшава. Амбициозниот распоред – 40 формални и 20 неформални состаноци на советот и 300 настани во текот на следниот шестмесечен мандат – ќе ја тестираат способноста на Полска да ја обедини ЕУ и да поттикне напредок кон нејзините амбициозни цели за посилна и побезбедна Европа. Р.С.