Потпишувањето на меморандумот за соработка е пример како може да се дејствува на локално ниво, но потребна е соработка и на централно ниво, и тоа во континуитет, која ќе резултира со ублажување на последиците предизвикани од човечкиот фактор. Во таа насока се и многубројните иницијативи и апели што пристигнуваат од поединци, кои се трудат на секакви начини да ја актуализираат темата за Преспанско Езеро и во меѓународни рамки, за да може покрај локалната, да се разбуди и свеста во Европа дека едно од најстарите езера на континентот е осудено на пропаст
Потпишувањето меморандум за соработка за Преспанскиот басен меѓу Македонија, Грција и Албанија влева надеж за планска, решителна и координирана акција
Само со заедничка и решителна акција на сите фактори во Македонија, Албанија и во Грција, но и во пошироки европски рамки, постои надеж дека може да се направи нешто за спас на Преспанско Езеро, чија агонија продолжува од ден на ден.
Ваков чекор неодамна направија градоначалниците на Ресен, Преспа, Пустец и на Девол, кои во присуство на евроамбасадорот Михалис Рокас во Лемнос во Грција потпишаа меморандум за соработка за Преспанскиот басен, што наедно е и првиот чекор кон создавање на Европската група за територијална соработка.
Иницијативи има, потребна е координирана заедничка акција
Конкретната иницијатива ќе ја олесни и ќе ја зајакне соработката на општините Преспа, Пустец, Девол и Ресен, со цел зачувување на животната средина и културното наследство, како и економски развој и благосостојба на жителите.
Ваквите регионални иницијативи се повеќе од добредојдени, но за вистински да се интервенира во насока на спасување на Преспанско Езеро од исчезнување, потребно е координирано дејствување на владите на трите земји што го делат езерото, како и активно вклучување на Европската Унија.
Регионот на Преспа веќе е корисник на финансиската програма „ЕУзаПреспa“ финансирана од ЕУ во вредност од 21,5 милион евра, од кои 18 милиони евра, односно 84 отсто се обезбедени од Унијата. Веќе се спроведуваат четири гранта доделени на локални граѓански организации и два договора за придонес потпишани со УНДП. Дополнително, финансирање од ЕУ во износ од 7,7 милиони евра е достапно во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Македонија за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога-Герман.
И не само владите туку и сите општествени чинители од Македонија, Албанија и од Грција треба да се вклучат со свој придонес во иницијативите што можат да помогнат во санирање на состојбите од еколошката катастрофа со која се соочува Преспанско Езеро, оти во спротивно залудни ќе бидат сите меморандуми, договори и документи за соработка за спас на животната средина кога езерото повеќе ќе го нема бидејќи токму езерските води се тие што го креираат специфичниот биодиверзитет во Преспанскиот басен.
Потпишувањето на меморандумот за соработка е пример како може да се дејствува на локално ниво, но потребна е соработка и на централно ниво, и тоа во континуитет, која ќе резултира со ублажување на последиците предизвикани од човечкиот фактор.
Во таа насока се и многубројните иницијативи и апели што пристигнуваат од поединци, кои се трудат на секакви начини да ја актуализираат темата за Преспанско Езеро и во меѓународни рамки, за да може покрај локалната, да се разбуди и свеста во Европа, дека едно од најстарите езера на континентот е осудено на пропаст.
Лични напори за артикулација на проблемот
Со личен пример како треба да се алармира за состојбите со Преспанско Езеро покажа и професорката Надежда Апостолова, чиј научен труд поврзан со оваа проблематика неодамна излезе во престижното интернационално списание „Хидролоџи“. Таа предава во Шпанија и ја користи секоја можност да ја запознае пошироката шпанска и европска јавност за еколошката катастрофа што му се случува на Преспанско Езеро.
– Според нашите пресметки, Преспанско Езеро ќе го снема кон крајот на овој век, а најверојатно имајќи ги климатските промени предвид, тоа ќе биде поскоро, некаде во 70-тите години од овој век – вели професорката Апостолова.
Таа ги издвои неколкуте главни црти што се истакнати во нејзиниот научен труд поврзан со Преспанско Езеро и агонијата што му се случува.
– Прво, Преспанско Езеро е едно од најстарите езера во Европа и во светот. Старо е неколку милиони години. Најверојатно е постаро од Охридско Езеро или му е да речеме „мајка“ на Охридско. Второ, Преспанско Езеро во последните децении рапидно се намалува. Досега има изгубено речиси 10 отсто од површината, но тоа одговара на страшни 50 отсто од волуменот, со други зборови, буквално е преполовено. Трета поента во мојот научен труд е дека водостојот е намален за 10 метри. На некои места тоа значи повлекување на линијата на брегот дури за еден километар. Во четвртата поента се наведува дека анализата на водниот баланс укажува дека езерото годишно губи околу 50 милиони кубни метри вода. Тоа е огромно количество вода. Причината не е една, туку збир на неколку фактори, од кои главните се: мал прилив на вода од реки и од дождови, а големо испарување (овие ефекти ќе се засилат поради климатските промени), користење на водата за наводнување и истекување на водата под Галичица кон Охридско Езеро. Генералниот заклучок во овој научен труд е дека Преспанско Езеро е на пат кон неизбежна и болна смрт. Пресметките укажуваат дека во најдобар случај езерото ќе исчезне кон крајот на овој век, но во најлош и многу поверојатен случај, имајќи ги климатските промени предвид, тоа ќе се случи веќе во 70-тите години од овој век – се наведува во научната студија на професорката Апостолова, објавена минатата недела во интернационалното списание „Хидролоџи“.
Што може да се направи во краток рок?
Досегашните апели дека е потребен координиран пристап од страна на владите на трите држави што го делат Преспанско Езеро, но и поголема вклученост на ЕУ, едноставно дадоа плод, така што останува и натаму да се бараат начини како да се натераат најглавните чинители да преземат нешто во насока на спречување на еколошката катастрофа.
Грција, како членка на Европската Унија, но и како земја што директно влијаеше врз состојбите со нивото на водата на Преспанско Езеро, на некој начин е повикана да го преземе лидерството во една ваква сеопфатна акција и да лобира во рамките на ЕУ, во насока и Унијата да се вклучи максимално со сите расположливи ресурси.
Имено, со преградувањето на Мало Преспанско Езеро, Грција директно влијаеше врз хидролошките состојби на Преспанско Езеро, односно спречи нормален прилив на вода од Мало кон Големо Преспанско Езеро. Тоа се покажа како катастрофално за нивото на езерото, но добро им дојде на грчките земјоделци, кои ги користат водите од малото езеро за наводнување. На тој начин човечкиот фактор со своите интервенции врз природните текови придонесе за влошување на состојбите.
Македонија и Албанија, од друга страна, исто носат дел од вината бидејќи дозволија неконтролирано извлекување на подземните води во близината на езерото, исто за потребите на земјоделството, а ако на тоа се придодаде и енормната употреба на пестициди и други хемикалии, кои преку почвата завршуваат во езерската вода, тогаш сликата за целосно уништување на биодиверзитетот во езерото станува комплетна.
Она што реално може да се направи за да се ублажат последиците е Грција да ја врати состојбата на првобитно ниво, поточно од пред изградбата на вештачката брана меѓу Мало и Големо Преспанско Езеро и на тој начин одново да овозможи природно прелевање на водите. Македонија и Албанија да го запрат подземното исцрпување на водите и да го сменат начинот на наводнување и заштита на овошките, односно да се воведе системот капка по капка и да се исфрлат од употреба токсичните пестициди и други хемикалии со кои се наѓубрува земјиштето во Преспанскиот басен.
Понатаму, Македонија, но и Албанија, можат да направат мали акумулации со кои ќе ги соберат сите водотеци од околните планини и ќе ги пренасочат кон езерото, слично на проектот за спас на Дојранско Езеро, кое благодарение на таков проект беше спасено од целосно пресушување.
Ова се зафати што можат заеднички да се направат на краток рок и барем донекаде да спречат понатамошно губење на водата, а со надеж дека во иднина и хидролошките состојби малку ќе се подобрат, односно зимите ќе бидат со повеќе снег, а пролетните и есенските месеци со повеќе дожд. Единствено на тој начин би можело Преспанско Езеро полека да почне да враќа дел од загубената вода. Но за да се случи тоа, повторно, потребна е заедничка акција на трите држави и ЕУ, во спротивно, сите порано или подоцна ќе се соочат со последиците на сопствената негрижа.
Плитката вода проблем и за екобродот со кој се земаат примероци за испитување на езерските води
Дигалката од која пред десет години се спушташе екобродот во Преспанско Езеро за да направи анализа на квалитетот на водата, сега веќе е на суво, иако пред нешто повеќе од десетина години на местото каде што е поставена езерото беше длабоко три метри.
Екобродот со кој се земаат примероци за испитување сега е закотвен на триста метри во езерото бидејќи не може да се вкотви крај брегот оти е премногу плитко и може да заринка и да се оштети.
Бродот заедно со мониторинг-станицата во селото Стење се донација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за развој од 2013, кога беа вложени еден милион швајцарски франци за да се добијат релевантни податоци за квалитетот на водата, кои во иднина би поттикнале активности за поголема заштита на езерото.
Бродот поради повлеченото езеро година и половина не беше во функција, но веќе втора година како е во вода и ги извршува сите потребни функции. Техничарите од лабораторијата на мониторинг-станицата во Стење со чамец доаѓаат до бродот, кој е закотвен во подлабоките води, а потоа испловуваат да ги извршуваат задачите.
Мониторинг-станицата во Стење е единствената во Преспанскиот Регион што врши детално следење на квалитетот на езерската вода. Редовно секој месец, а во текот на летото и неколкупати месечно, вработените во станицата земаат примероци од вода на десет точки во езерото почнувајќи од Стење, најдлабоката точка Казан, кај островот Голем Град, пред него, кај Наколец, Сливница, Крани, Асамати, Езерани и Отешево.