Претседателот на САД, Доналд Трамп, бара од НАСА до 2024 година да ги врати своите астронаути на Месечината, нагласувајќи ја вселенската трка со Кина. Но НАСА има поголеми амбиции и сака да ја искористи Месечината за истражување на подалечната вселена, вклучувајќи го и Марс. Нема да се вратиме на Месечината за пак да стапнеме, да забодеме знаме и потоа да не се вратиме уште 50 години. Сакаме одржливо присуство, велат од агенцијата
Возило со 12 тркала дига голема сива прашина додека се пробива низ тешкиот терен. „Вселенскиот камион“ има кабина под притисок, што им овозможува на двајцата космонаути внатре да дишат без нивните вселенски одела. Тие се заморени по целодневното пребарување на депозити со мраз и тоа на само неколку километри од нивната база. Да нема забуна, тоа е Месечината во 2050 година.
Како што возилото се движи околу големиот кратер, астронаутите имаат добар поглед на огледалата поставени околу неговото окно. Огледалата ги насочуваат сончевите зраци кон кратерот, напојувајќи ја со енергија операцијата за ископување на мраз, од кои се добива вода. Возилото потоа се враќа кон куполата на базата, лоцирана на Јужниот Пол на Месечината. Астронаутите на крајот влегуваат во нивното живеалиште преку специјална врата, по што ги соблекуваат нивните со прашина полни вселенски одела. Внатре во живеалиштата, стаклената градина, каде што, меѓу другото, се одгледуваат и компири, силно свети од ЛЕД-светилките. На крајот, членовите на екипажот се искачуваат едно ниво погоре, каде што командантот на базата ги чека за брифирање.
Ваквите сценарија се фантазија, барем засега. Но тоа е единствениот начин на кој луѓето би можеле да живеат и работат на Месечината. Доколку сакаме да поставиме долгогодишна база, ќе мораме да ги искористиме месечевите ресурси за задоволување на нашите потреби. Хана Сарџент, која е на докторски студии при „Опен јуниверзити“ во Милтон Кејнс, работи токму на тоа, користејќи го минералот илменит, што во изобилство се наоѓа на Месечината. Илменитот се загрева во печка, за од него да се извлече кислород, кој подоцна се комбинира со водород за да се добие вода.
– Постојат повеќе од 20 начини за добивање вода од камењата на Месечината. Илменитот ни го привлече вниманието, бидејќи тој често се наоѓа таму, а реакцијата што ви е потребна користи релативно малку енергија – истакнува Сарџент.
Сарџент вели дека е многу возбудена од можноста луѓето да се вратат на месечевата површина, првпат по 1972 година.
– Чувствувам дека мојата генерација дефинитивно ќе биде сведок на тоа. Убедена сум дека тоа ќе се случи во текот на мојот живот, дека барем ќе имаме постојано живеалиште во орбитата околу Месечината и оти ќе имаме континуирани патувања до и од месечевата површина – додава Сарџент.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во 2017 година ја потпиша новата директива за вселенска политика за враќање на американски астронаути на Месечината и на „други дестинации“. НАСА соопшти дека ќе се стреми тоа да го стори до 2028 година. Но администрацијата на Трамп неодамна ѝ даде директиви на вселенската агенција тоа да го стори до 2024 година, наведувајќи ги амбициите на Кина за Месечината.
Но НАСА овојпат сака поинаку да ги заврши работите. Месечината е дел од поголемата амбиција за истражување на подалечната вселена, вклучувајќи го и Марс, па така дел од планот е и основање на месечева станица.
– Нема да се вратиме на Месечината само за да оставиме знамиња и стапки, и потоа да не се вратиме уште 50 години. Ќе одиме на одржливо присуство, да останеме, помогнати со возила за слетувања, роботи, теренски возила и луѓе – изјави Џим Брајденстин од НАСА на почетокот од годинава.
Но се поставува прашањето дали НАСА може да спроведе повратна мисија до крајниот рок, ако се земе предвид фактот дека основниот хардвер ниту е изграден ниту, пак, е тестиран?
– Ќе биде ризично. Но ако не сме подготвени да прифатиме одредено ниво на ризик, тогаш треба да останеме на копното. Проблемот е балансирањето помеѓу ризикот и активностите – оценува Џон Логдсдон, професор на универзитетот „Џорџ Вашингтон“.
Претходните месечеви мисии на НАСА беа именувани според грчкиот бог Аполон. Наредната ќе биде именувана како Артемис, според неговата митска сестра-близначка Артемида, и веќе кружат шпекулации околу идентитетот на првата космонаутка на агенцијата што ќе стапне на Месечината. НАСА има 38 активни астронаути, од кои 12 се жени. Меѓу нив се Кејт Рубинс, микробиолог што ги истражуваше некои од најсмртоносните болести на Земјата, Жанет Епс, бивша техничка офицерка на ЦИА, докторката Серена Онон-Канселор, како и Кристина Кох, инженерка по електрика. Стефани Вилсон има најголемо искуство со летање и беше дел од дури три мисии со шатл. Трејси Калдвел-Дајсон и Сунита Вилиамс исто така имаат по два лета во вселената.