Фото: Игор Бансколиев

Забрзаното ширење на новите соеви на коронавирусот, но и рестриктивните мерки низ европските земји го попречуваат заздравувањето на економијата. Дополнително, ниту плановите за вакцинација не се остваруваат, што, според упатените, дополнително ги ограничува можностите за остварување на планираните стапки на економски раст

ЕКОНОМИЈАТА НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ

Одолжувањето на здравствената криза, забрзаното ширење на новите мутирани вируси во земјава, во соседството и пошироко го доведуваат во прашање очекуваното економско заздравување. Ниту вакцинацијата не го постигнува очекуваното темпо, исклучок се неколку земји каде што масовно се вакцинира, но глобално секаде се чувствува недостиг од вакцини, а тие се единствениот „лек“ и за економијата. Во Македонија освен донираните вакцини што беа искористени за имунизација на здравствените работници, имунизацијата не е ниту започната, што дополнително ги поткопува очекувањата за раст на економијата. Домашните економисти посочуваат дека доколку состојбите не се подобрат наскоро, тешко дека ќе се реализираат планираните стапки на економски раст и истовремено укажуваат дека оваа година полесно ќе се оствари растот поради големиот пад на економијата минатата година.
– Несфатливо е како претставници на Владата, и тоа министри за економија и за финанси, кои лично сметам дека се квалитетен кадар со многу солидни познавања на економијата, сепак, толку розово ги претставуваат состојбите. Никој нема да ги обвинува за ситуацијата, тоа е состојба во целиот свет, не само кај нас, и состојба врз која сами не можеме да влијаеме. Од друга страна, ваквото претставување на работите е неочекувано, неоправдано и контрапродуктивно.

Сметам дека се користи само за пропаганда, а стапките на раст што ги пласираат во јавноста без да кажат на што ги потпираат не се реални. Нереално се шири оптимизам, додека состојбата е доста сериозна. Се издава нова еврообврзница за да се вратат стари долгови, но и за да има средства за гаснење пожар. Дополнително наскоро ќе треба да се отплаќаат и заемите од Кина. Но мора реално да се зборува за состојбите, пандемијата сѐ уште не е завршена, па дури и денес да заврши, штетите ќе се чувствуваат – вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини и додава дека расте број на граѓани што се свесни дека состојбата воопшто не е толку оптимистичка. Наедно Хајредини посочува дека пандемијата ги намали инвестициите, посочувајќи дека инвеститорите се повлекуваат поради неизвесноста, што, пак, создава можност големите кредитори да даваат заеми по пониски камати. Сепак, укажува Хајредини, дури и заемите се средства што мора да се вратат, па на банките им е битно да ги дадат некаде, бидејќи знаат дека ќе им се вратат уште повеќе пари.
За тековната 2021 година, Владата проектираше економски раст од 4,1 отсто.
Сепак, поранешниот гувернер, Петар Гошев, вели дека поради ширењето на вирусот и рестриктивните мерки што се преземаат низ европските земји нема да има можности да се остварат планираните стапки на економски раст.
– Плановите што се правеа пред крајот на минатата година, односно враќањето на економијата на ниво како во 2019 година, тешко дека ќе се остварат. Со оглед на падот што го имавме минатата година поради рестриктивните мерки, од кои дел сѐ уште се применуваат, годинава ќе имаме раст. Но враќањето на економијата на ниво од пред кризата, или на ниво од 2019 година, со сегашниве состојби, тешко дека ќе се реализира. Доколку состојбите се нормализираат, доколку вирусот сосема се повлече, економијата веднаш ќе се стабилизира и ќе се врати на преткризните остварувања. Но неизвесноста е присутна, ако вака продолжи да се шири вирусот, растот ќе биде неизвесен – објаснува Гошев.
Тој посочува дека поради кризата веќе имаме граѓани што останале без приходи, поради што се намалува и потрошувачката. Дури и намалувањето на дознаките што ги добиваат граѓаните од странство, според Гошев, ќе ја намалат личната потрошувачка, а сето тоа ќе се одрази и врз растот на БДП. Гошев истакнува дека раст на економијата оваа година ќе има, кој, според него, ќе го надомести она што сме го изгубиле минатата година, и додава дека растот на БДП оваа година е остварлив поради падот што се случи минатата година.

Првиот човек на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека ширењето на вирусот ги негира предвидувањата на Владата дека оваа година би можела да биде година на економски раст. Според него, иако властите најавиле дека петтиот пакет економски мерки ќе биде последен, најверојатно ќе бидат потребни нови мерки за поддршка на стопанството.
– Никој не знае дали ќе има дополнителни затворања, полициски час и други мерки. Здравствената криза влијае и на економијата, на опстанокот на компаниите, на бројот на работни места и Владата сама ќе биде свесна дека ќе мора, ако треба и нови задолжувања да направи за да се спаси она што може да се спаси – вели Димитров.
Како претставник на текстилната индустрија, Димитров веќе посочи дека секторот е во лоша состојба и дека сегашните рестриктивни мерки низ европските земји дополнително ја влошуваат состојбата во кластерот.

– Иако некои сектори последниот квартал минатата година забележаа позитивни тенденции, сепак кризата не е помината. Масовните затворања во Германија, како наш најголем трговски партнер, и во други земји од Европската Унија, придонесоа многу наши извозни сектори да останат без нарачки и да работат со многу мал капацитет. Во вакви околности, владината поддршка за исплата на плати е неопходна, во спротивно голем број работници ќе останат без своите работни места и ќе бидат на товар на државата како нови социјални случаи. Кога поголемиот број вработени ќе почнат да одат на работа и да си ја заработуваат платата, тогаш ќе нема потреба од помош за исплата на плати – посочи Димитров.