Во Домот на АРМ во Скопје во тек е јубилејната изложба на Здружението на копаничари на Македонија од Битола, која се одржува по повод неговото 25-годишно постоење. Наедно, ова е 65-та изложба на копаници и на цртежи, а ќе биде отворена до 29-ти месецов.
Свеченото отворање со своето учество го збогатија оперската певица и сликарка Серафина Фантаузо, поетите Анита Бошкова и Драган Попоски и писателот Тихомир Јанчовски.
На изложбата се презентирани делата на 20 учесници, кои се претставија со резби на традиционални мотиви од македонското копаничарство, од флората и фауната на нашето поднебје (лози, птици, цветови, змии), но и на икони со издлабени ликови на светци.
На изложбата почесен гостин беше познатиот македонски сликар и хуманитарец Живко Поповски-Цветин, кој се претстави со десет свои слики.
Здружението постои од 1993 година, а неговите членови биле дел до 31 колонија, 5 семинари, 64 изложби и како промоција на својата дејност досега издале 21 број на списанието „Копаничар“.