Последниве пет сезони во ЛШ, Вардар дома oдиграл 38 средби, забележал 28 победи
(73 отсто успешност) и четири пати ремизирал
Актуелниот европски ракометен првак Вардар е на чекор до втор пласман на фајналфорот во Лигата на шампионите (ЛШ) во Келн, а со тоа и можност прв да ја одбрани титулата, откако ЛШ се игра во овој формат. По победата на првиот четвртфинален меч на гости (29-28) против бундеслигашот и трикратен европски првак Кил, в недела (17 ч.) во Скопје, во вторите 60 минути од овој двомеч ќе биде потребно да се зададе и завршниот удар за елиминација на секогаш незгодниот германски ривал.
На црвено-црните оваа им е петта последователна сезона во ЛШ, а претходно уште седум сезони играле во ова најквалитетно европско клупско натпреварување. Ако се направи кратка ретроспектива на настапите на вардарци во ЛШ, но на свој терен во Скопје, ќе се види дека тие досега одиграле вкупно 59 натпревари, забележувајќи 33 победи (55,9 отсто), осум ремија и 18 порази. Но она што е позначајно е што во последните пет сезони во ЛШ, Вардар дома oдиграл 38 средби, забележал 28 победи (73 отсто успешност), четири пати ремизирал (со Висла, ПСЖ, Барселона и со Хамбург), а шест пати ја почувствувал горчината на поразот (од Левен, Барселона, Киелце, Металург и двапати од Веспрем). По преселбата во СЦ „Јане Сандански“, Вардар загуби само пет меча (од Веспрем двапати, а по еднаш од Киелце, Левен и од Барселона) од вкупно 24 меча.
Уште поконкретно, изминатите четири сезони избраниците на тренерот Раул Гонзалес во решавачки дуели за пласман на фајналфорот во ЛШ играни во Скопје забележале две победи и два пораза. Така, минатата сезона, во четвртфиналниот двомеч во Скопје против бундеслигашот Фленсбург, Вардар оствари убедлива победа (35-27), откако претходно и на гости славеше (26-25).
Една сезона порано (2015/2016), во четврт-финалето Вардар во Скопје загуби од унгарски Веспрем (26-29), а во реваншот на гости одигра нерешено (30-30). Во сезоната 2014/2015 вардарци двапати загубија од полски Киелце, во Скопје со 20-22, на гости со 31-33, а во сезоната 2013/2014, во четвртфиналниот дуел скопјани на гости беа поразени од Фленсбург со 22-24, а во Скопје славеа со 27-25, но поради повеќе постигнати погодоци на гостински терен Германците заминаа на фајналфорот во Келн, а потоа станаа и европски прваци.