Учеството на јавноста во креирањето на политиките на земјите од Западен Балкан е тема на конференција што се одржува во Виена, а на која учествуваат раководители на оддели од министерствата за правда, за администрација и јавна управа и за европски интеграции на земјите од регионот.
Конференцијата ја организираат Регионалниот совет за соработка (РСС) заедно со Регионалната школа за јавна управа и Центарот за истражување на јавната управа од Австрија.
Целта на конференцијата е да се издигне свеста кај властите во земјите од Западен Балкан за зголемување на стандардите за вклучување на јавното мислење при креирањето на политиките што ги спроведуваат владите и нивните министерства.
На конференцијата треба да биде претставен и дистрибуиран цел сет повеќејазични материјали за информирање на јавноста и за издигање на свеста – леток со препораката, видеоматеријал и брошура, за анимирање на јавноста околу оваа проблематика.
Според истражувањето на јавното мислење што го спроведува РСС секоја година – Балкански барометар 2017, само осум отсто од граѓаните во земјите во регионот учествувале на јавни протести, пет отсто јавно ги коментирале владините одлуки на социјалните мрежи, а само три отсто учествувале во јавни расправи. П.Р.