Тој беше македонски рекордер во младинска конкуренција на патеките од 100 до 400 метри и еден од најдобрите во спринтерските дисциплини во Југославија. Неговата сопруга беше рекордерка во скок во височина, а ќерка му рекордерка во фрлачките дисциплини
Ако бараме семејство што комплетно е посветено на еден спорт, тоа несомнено ќе биде семејството Чадиковски. Во него, почнувајќи од таткото Ѓорѓи, потоа сопругата Божанка, па до ќерката Весна, сите беа врвни атлетичари и рекордери. Ќерката стигна дотаму што неколку години беше шампионка на својот колеџ во САД, а победуваше во фрлачките дисциплини во натпреварите на американската студентска лига.
– Уште како ученик во основно училиште покажував афинитет кон атлетиката. Мојата желба за овој спорт стана уште поголема, кога победив на еден училиштен крос, таму некаде на почетокот од 60-тите години на минатиот век. И самиот бев изненаден, но уште бев млад да почнам активно да се занимавам со овој спорт, па како сите деца во тоа време бев преокупиран само со фудбалот. Ова беше така до 1963 година. Тогаш на Градскиот стадион се одржа еден атлетски двомеч помеѓу Југославија и Бугарија. На трибините имаше повеќе од десетина илјади гледачи, што многу ме импресионира, па на татко ми, кој беше член на управата на АК Работнички и со кого заедно го следевме двомечот на Градски, му реков дека и јас сакам да бидам атлетичар. Тој многу не се изненади, зашто во семејството некако по традиција имаше понекој атлетичар. Така, на пример, мојот чичко Бане, во 1950-тите години беше рекордер на Македонија во скок во височина, па на некој начин преку него атлетиката веќе беше присутна во семејството Чадиковски – вели Ѓорѓи.
ПРВИ ТРЕНИНЗИ СО ЛЕГЕНДАРНИОТ ТРБОЕВСКИ
На задоволство на својот татко Владо, синот што имаше голема желба да спортува набрзо се најде во атлетското семејство на АК Работнички.
– Првата година тренинзите беа лесни. Бев пресреќен што прв тренер ми беше токму легендата на нашата атлетика Љубиша Трбоевски. Имав слушано за него, но кога почна да ме тренира дознав дека во 1950-тите години бил меѓу најдобрите тркачи на долги патеки и репрезентативец на Југославија – вели Ѓорѓи.
Откако првата година поминува во лесни тренинзи повеќе со „трчкање“ и ја добива потребната основа, почнува вистинскиот тренажен процес, овој пат под водството на првиот тренер на клубот Чедо Шаревски. Со него тренинзите биле пожестоки и веќе пролетта, Чадиковски почнал да учествува на официјалните натпревари. На нив веднаш го истакнува својот квалитет, а на 300 метри победува на младинското првенство на Македонија.
– Резултатот од 37,5 секунди беше охрабрувачки и тој ми ја отвори вратата за настап на големата сцена, овој пат во трките со најдобрите млади атлетичари на поранешна Југославија. Се сеќавам првиот дуел со нив ми беше на еден митинг во Нова Горица. Успеав да се пласирам во финалната трка, а тоа за сите беше изненадување, зашто дотогаш на југословенските простори и не знаеја за мене. Сепак, вистинските резултати дојдоа во следните три години. Тоа беше периодот од 1966 до1969 година, кога прво истрчав 400 метри за 52 секунди што беше младински рекорд на Македонија. Во 1966 година првпат се искачив на пиедесталот на првенствата на Југославија – бев трет на 300 метри. Меѓутоа, најпријатните мигови во мојата кариера како младинец ми беа во Загреб во 1969 година, кога на шампионатот на Југославија бев втор на 100 метри со 10,9 секунди, четврти на 200 метри, а со клупските другари од Работнички освоивме медали и во двете штафетни трки, сребрен на 4×100 и бронзен на 4×400 метри – вели Чадиковски.
НЕ СЕ ЗАГУБИ МЕЃУ СЕНИОРИТЕ
Често се случува, кога младинците минуваат во сениорска конкуренција, да се загубат и тука многу рано да заврши нивната кариера. Но со Ѓорѓи Чадиковски не беше така. Тој беше решен да се фати во костец и со сениорите. Во почетокот од 1970-тите години беше рамноправен со тогашните спринтерски асови Ташко Благоев и Зоран Тасевски (долгогодишен рекордер на Македонија на 100 метри). Потоа кога тие почувствуваа замор од долгогодишната кариера и големиот број настапи, дојде времето кога Ѓорѓи Чадиковски ја презеде палката и полека завладеа на сениорската сцена.
– Уште како младинец можев да се носам со нив. Но кога почнав да ги победувам, почувствував оти нема да се загубам во сениорска конкуренција. Бев охрабрен и со голем ентузијазам продолжив да ја градам мојата атлетска кариера – се сеќава Чадиковски.
Чадиковски ги подобруваше резултатите – на 100 метри се стабилизира меѓу 10,7 и 10,9 секунди. Но имаше и една трка на најкусата патека од 10,5 секунди.
– Овој резултат постигнат во Охрид не беше верификуван како рекорд, зашто за време на трката имаше благ ветер. Меѓутоа, на натпреварот немаше инструмент за мерење на брзината на ветерот и од тие причини оние 10,5 секунди останаа во историјата, а не влегоа и во рекордерската листа. Не знам можеби брзината на ветерот беше поголема од онаа дозволената од два метра во секунда, но можеби беше и помала. Во секој случај засекогаш ќе остане загатката – дали тоа беше рекордерска трка. Ова никој не може да го докаже – вели Чадиковски.
Во периодот кога Чадиковски ги трчаше своите најбрзи трки беше повикан и во репрезентацијата на Југославија.
ВРЕМЕ НА ЧИСТ АМАТЕРИЗАМ
Во поранешната држава многу беа интересни и екипните првенства за шампионската титула. Во натпреварите, во најквалитетната група, често учествуваше и Работнички, кој една сезона беше и четврти.
– На овие првенства имам неколку победи од 100 до 400 метри. Но највозбудливо беше на крајот, кога требаше да се трчаат штафетните трки. Тие можеа многу да влијаат врз конечниот пласман, адреналинот растеше, а сите бевме уморни од претходните трки. Често ми се случуваше да трчам три поединечни и две штафетни трки. Тоа беше исцрпувачко, но кога беше во прашање клубот ништо не ми беше тешко. Такво беше тоа време на чист аматеризам, кога единствена сатисфакција ни беше што ќе прошетавме низ државата одејќи од натпревар на натпревар, а некогаш ќе се натпреварувавме и во странство, најчесто во соседните земји – вели Чадиковски.
Еден од најбрзите Македонци во богатата кариера имаше високи пласмани и на традиционалните купови на републиките и покраините. Тој во овие натпревари, кои практично беа првенства на Југославија, имаше една победа на 400 метри, повеќе втори и трети места на 100 и на 200 метри.
Чадиковски беше и сеармиски првак на Југославија на 200 метри, а на 100 метри беше втор зад репрезентативецот Ленџел. Интересно е дека во составот на Скопската армиска област, на истото првенство што се одржа во Сплит, настапија и Благоја Георгиевски (кошарка), Владимир Богоевски (одбојка) и Ванчо Јовановски (ракомет).
СЕМЕЈСТВО НА РЕКОРДЕРИ
За да биде сѐ во знакот на атлетиката и сопругата на Ѓорѓи, Божанка беше шампионка и рекордерка на Македонија, во скок во височина. И тука не е крајот на приказната за семејството Чадиковски. Нивната ќерка Весна тргна по стапките на родителите и стана врвна атлетичарка. За разлика од нив, таа се определи за фрлачките дисциплини, во кои стана вистинска ѕвезда. Весна уште е актуелна сениорска рекордерка на Македонија во фрлање ѓуле, копје и кладиво.
– Таа, благодарејќи на резултатите што ги постигна на Балканијадата во Измир, каде што освои и медал, ги исполни критериумите за добивање стипендија за школување во САД. Весна беше амбициозна, ја искористи шансата што ѝ се укажа и сега е кардиохирург. Што се однесува до спортските резултати, како студентка беше шампионка и уште е рекордерка на својот колеџ, а имаше и неколку победи во фрлачките дисциплини во американската студентска лига – вели Ѓорѓи.
Трка пред 100.000 гледачи
Ѓорѓи Чадиковски ја имаше таа чест да трча на полувремето од натпреварот Црвена звезда – Бенфика, на отворањето на популарната „Маракана“ во Белград.
– Чувството може само да се доживее, никако да се опише. Едноставно, беше прекрасно. Во трката на 400 метри бев втор, зад репрезентативецот Илинчиќ. Публиката беше на нозе, ечеше од сите страни. Слично нешто доживеав и во Скопје на полувремето на еден натпревар на Вардар. Тогаш трчав пред околу 20.000 гледачи – вели тој.
Лична карта
Роден: во 1951 година во Скопје
Кариера: АК Работнички, репрезентација на Југославија, репрезентација на Македонија
Успеси: Повеќекратен младински рекордер на Македонија од 100 до 400 метри, младински и сениорски првак на Македонија, вицешампион на Југославија за младинци на 100 метри, второ и трето место во штафетните трки, четврто место со АК Работнички на екипното сениорско првенство на Југославија