Јас веќе 13 години сум дел од репрезентацијата, настапив на повеќе квалификациски турнири и мислам дека е дојдено времето да го направиме тој завршен чекор, вели капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓорѓиев пред почетокот на новата квалификациска кампања за ЕП 2019 година

Оптимист сум, верувам дека Македонија конечно ќе успее да се најде на завршен турнир на едно Европско првенство (ЕП) во одбојка. Тоа е сон на сите што на кој било начин биле и сѐ уште се инволвирани во македонската одбојка. Јас веќе 13 години сум дел од најдобрата репрезентација, настапив на повеќе квалификациски турнири и мислам дека е дојдено времето да го направиме тој завршен чекор, вели капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓорѓиев пред почетокот на новата квалификациска кампања за ЕП 2019-та чија завршница ќе биде во септември следната година, во четири земји, Франција, Холандија, Белгија и Словенија.
Македонија е во групата Ф, со Унгарија, Украина и со Швајцарија. Првите четири кола ќе се одиграат во следните петнаесетина дена, а последните две во јануари следната година. Првпат на финалниот турнир ќе настапат 24 репрезентации.

– Нѐ очекуваат тешки натпревари, тука нема дилема, првиот в среда на гости против Унгарија. Не го сметаме за посебен, не си наметнуваме императив дека мора да победиме, дека тоа е натпревар на живот или смрт, важни се сите шест натпревари еднакво, во јануари 2019-та табелата ќе покаже што сме сториле. Се разбира ќе се обидеме да победиме, тоа важи за сите натпревари, може да се случи и да загубиме, ништо страшно, бидејќи потоа можеме да ги добие наредните три. Размислуваме и се подготвуваме само за следниот натпревар. На финалниот турнир одат седумте првопласирани во групите и петте втори репрезентации.

Но ним ќе им се сметаат резултатите против третопласираните селекции, што на крајот може да ги искомплицира работите. Затоа велам одиме од меч во меч, и треба да одиграме најдобро што можеме – истакнува Ѓоргиев за кого фаворит за освојување на првото место во групата е Украина.
Македонија одигра под очекувањата и најавите на Сребрената европска лига во јуни годинава и наместо триумф, на турнирот во Скопје заврши на последното, четврто место.

– Многу работи тогаш не функционираа како што треба. Честата промена на селектори, (Љубомир Травица – н.з.), со тоа и промена на начинот на игра, повредите на некои одбојкари и слично, си го сторија своето. Сега имаме нов селектор, тоа е Никола Матијашевиќ, засега со него одлично функционираме, тој сфати дека за краток период не може да промени многу во играта, и затоа се обидува тоа што е добро да се надгради, а недостатоците да ги исправиме. Мислам дека сме подготвени, летово доста време минавме заедно, 70 и повеќе дена, одигравме многу натпревари, добро се познаваме, повеќето играме многу години заедно, во составот се вратија Александар Милков и Филип Деспотовски. Останува сега да одиграме најдобро што можеме затоа што ова веројатно е последната шанса за оваа генерација да постигне историски успех и да се најде во завршницата на ЕП – истакнува Ѓорѓиев. 


По Варшава, повторно во Јапонија, во Осака

Во новата сезона Ѓорѓиев повторно се враќа во Јапонија и ќе настапува за нов клуб, Осака блејзерс. Ѓорѓиев претходно има искуство со Јапонија кога настапуваше за Торај ероус во сезоната 2015/2016 и ги освои шампионската титула и „царскиот куп“.
Освен во матичниот клуб Струмица, Ѓорѓиев досега има настапувано за полскиот Онико од Варшава, за Париз волеј (беше МВП во францускиот шампионат), за Мили Пјанго, Турција, за Форли од Италија и за Раднички Крагуевац од Србија.
– Осака има високи амбиции, исто како и јас. Договорот ми е на една година, за натаму останува да се договараме, по истекот на сезоната. Јас посакувам да се повтори приказната како со Торај, да бидеме успешни, ќе видиме. Лигата во Јапонија во новата сезона ќе има 10 тима, две повеќе од порано, ќе треба да се одиграат повеќе натпревари, според трикружен систем, вкупно 27, потоа ќе следува плејоф, ќе биде напорно. За Јапонија заминувам на 10 септември, потоа се подготовките, па почеток на првенството, на 26 октомври. Познати ми се амбиентот, клубовите, лигата, имам убави спомени од Јапонија, се надевам дека ќе имам добра сезона во Осака – вели Ѓорѓиев. Л.Д.