Русија, Полска, Франција и Србија се репрезентациите што рутински, на квалитет, ја поминаа првата рунда. Не очекувам некои поголеми изненадувања, можно е евентуално Белгија малку да им ги заплетка сметките, и толку, вели капитенот на Македонија

На Европското првенство (ЕП) во одбојка се познати 16-те репрезентации што обезбедија пласман во осминафиналето – Франција, Италија, Бугарија, Грција (од групата А), Србија, Белгија, Германија, Шпанија (група Б), Русија, Словенија, Турција, Финска (група Ц), Полска, Холандија, Украина и Чешка (група Д).
Актуелниот европски првак, Русија, светскиот првак Полска од 2014 и од 2018-та, Франција, шампионот од 2015-та, и Србија, трета на ЕП 2017-та, се четирите репрезентации што забележаа по максимални пет победи во групите, губејќи само пет сета на 20-те меча, со што најавија дека се најсериозни кандидати за медали.

Шанси и големи амбиции за висок пласман имаат и преостанатите репрезентации, особено оние што играат пред своите навивачи, и тоа Словенија, европски вицепрвак од 2015 година, Белгија, која пред две години беше четврта на ЕП, Холандија, која беше олимписки шампион во Атланта во 1996 година и во 1997-та првак на Европа, Италија, шесткратниот светски и трикратен европски првак (чека титула од 2005-та), Бугарија, четврто, односно шесто место на ЕП 2015 и 2017 итн.

– Според мене, новиот европски првак би требало да се бара меѓу Русија, Полска, Франција и Србија, репрезентациите што рутински, на квалитет, ја поминаа првата рунда и меѓу себе би требало да ги поделат медалите. Не очекувам некои поголеми изненадувања, можно е евентуално Белгија малку да им ги заплетка сметките, и толку – гласи прогнозата на капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓоргиев, кој во новата сезона ќе настапува за германскиот прволигаш Фридрихсхафен.
Македонија, дебитантот на европските првенства, која се покажа во одлично издание на мечевите во групата Ц во Љубљана, и забележа две победи, над Белорусија (3-1) и над Словенија (3-1), не е во тоа друштво. Македонија го освои 17-то место, со најдобар ефект меѓу осумте елиминирани репрезентации по првата рунда. Зад Македонија се Црна Гора (шест бода), Словачка (пет), Португалија (три), Романија (три), Белорусија (два), Австрија (еден) и Естонија (без бодови). Од овие селекции, на минатото ЕП, во 2017 година, Естонија беше 13-та, а Словачка 15-та, на првенството што се играше со 16 репрезентации, а другите не настапија на тоа ЕП. 


ОСМИНАФИНАЛЕ
во Љубљана, Словенија
1. Русија – Грција 17.30 ч.
2. Словенија – Бугарија 20.30 ч.
Во Нант, Франција
3. Франција – Финска 19.30 ч.
4. Италија – Турција утре, 17 ч.
Во Антверпен, Белгија
5. Србија – Чешка 17.30 ч.
6. Белгија – Украина 20.30 ч.
Во Апелдорн, Холандија
7. Холандија – Германија 16 ч.
8. Полска – Шпанија 20 ч.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2
Победник 3 – Победник 4
Победник 5 – Победник 6
Победник 7 – Победник 8