На сцената на МОБ вечерва со грст песни, кои ги одбележале неговите 25 години на македонската естрада, пред скопската публика јубилејот ќе го прослави Ѓоко Ѓорчев.
На концертот насловен „My way“, што ќе почне во 20 часот, македонскиот Том Џонс, како што го нарекуваат Ѓорчев, заедно со своите гости, ќе го одбележи својот јубилеј.
– Јас и моите гости: Трифун Костовски, Зоран Џорлев, Катерина Танев и Ирена Крстевска Стеванова ќе отпееме прекрасни евергрини, но и некои од авторските песни што ги снимив досега. Ќе нѐ придружува бендот на Филип Стевановски. Искрено многу сум горд што по неколкуте успешни настапи низ земјава, на крајот роденденскиот концерт ќе се одржи пред скопската публика. Сепак, да опстојуваш 25 години на македонската музичка сцена не е малку, бидејќи во текот на сите овие години момчето од Неготино го оствари својот сон – ни рече Ѓоко Ѓорчев.
Тој досега снимил седум албуми, настапувал на многу домашни и светски сцени и добил голем број награди.