Со триумф на Ролан Гарос, Ѓоковиќ ќе го повтори успехот од 2015/2016-та кога беше победник на четирите гранслем-турнири во низа
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, победникот на 15 гранслем-турнири, на годинашниов 123-ти по ред Ролан Гарос има шанса да направи полн круг и повторно да биде победник на четирите гранслема во низа, вторпат во кариерата (првиот пат во 2015/2016-та). Ѓоковиќ победи лани на Вимблдон и во Њујорк, во јануари годинава во Мелбурн и со евентуален триумф во Париз ќе биде вториот тенисер, по Австралиецот Род Лејвер (1962 и 1969-та), односно прв во опен-ерата кому му успеало да победи на сите четири по ред.
– За овој турнир се подготвувам подолго време. Лани ситуацијата беше поинаква, сега повторно сум број 1, победив на последните три гранслема, во добра форма сум и се надевам на добри две недели. Отсекогаш сум сакал да играм на Ролан Гарос, посебно последниве четири, пет години. Публиката ме сака и многу ми помогна да победам во 2016-та. Главен фаворит секако е Рафаел Надал, нема смисла да се типува на некој друг, имам голема почит за него – изјави Ѓоковиќ.
Во ноември 2018 година, по пауза од над две години, Ѓоковиќ повторно се врати на врвот на АТП-листата, а во јануари 2019-та во финалето во Мелбурн го збриша Шпанецот Надал. Пролетва триумфира во Мадрид и стигна до финалето во Рим, каде што загуби од Надал во три сета, но и покрај тоа, сега има можност да ја заврши неверојатната приказна и да стане вториот човек што бил победник на четирите гранслема во исто време во две одделни пригоди.
Кога го освои Вимблдон во 2014 година, Ѓоковиќ третпат се искачи на врвот на светската ранг-листа, и тоа беше почеток на неверојатен период во кој победи на пет од следните седум гранслем-турнири. Во 2015-та тој ја одбрани титулата на Вимблдон, потоа победи и во Њујорк, а следната година, во јануари 2016-та ја започна со триумф во Мелбурн. На Ролан Гарос замина со шанса (и ја искористи), да стане првиот тенисер што истовремено ќе биде победник на четирите најголеми турнири, по Лејвер во 1969 година.
Но набргу, со изненадувачкиот пораз на Сем Квери во третата рунда на Вимблдон 2016-та, Ѓоковиќ беше приземјен. На Олимписките игри во Рио загуби во 1-то коло од Аргентинецот, Хуан Мартин дел Потро, а потоа беше поразен и во финалето во Њујорк од Стан Вавринка. На крајот следуваше и загубеното финале на АТП-мастерсот од Енди Мареј, кој со тоа стана тенисер број еден во светот.
Неволјите продолжија по разделбата со тренерот Борис Бекер и со остатокот од тренерскиот тим, а ангажирањето на Андре Агаси не му донесе подобрување на формата. Откако загуби од Хјан Чунг во 4-то коло на Австралија опен 2018, Ѓоковиќ го оперираше лакотот, а лошите резултати продолжија со елиминациите во 3-то коло на Индијан Велс, Мајами, Монте Карло, Барселона и во Мадрид.
Маријан Вајда беше вратен во тимот, но и покрај тоа во четврт-финалето на Ролас Гарос лани, загуби од Марко Чекинато. На Ѓоковиќ не му беше јасно што се случува, па дури имаше најави дека може да ја прескокне сезоната на тревни терени. Сепак реши да продолжи со настапите што кулминира со победата во пет сета над Надал во полуфиналето, во мечот што траеше два дена, потоа и во финалето над Кевин Андерсон, со што стана јасно дека Ѓоковиќ е во форма како во најдобрите денови.