Фактот што годинава во Стојаково се избројани многу повеќе гнезда е индикатор дека животните услови во селото се подобрени
Штрковите сѐ помасовно го населуваат селото Стојаково во општината Богданци.
Месната заедница од селото Стојаково неодамна самоиницијативно ги преброја активните гнезда и установи дека има 37 гнезда, 74 возрасни и 134 млади штркови. Жителите на Стојаково од општината Богданци ќе поведат иницијатива штрковите да им станат заштитен знак на селото. Штрковите населуваат еколошки чисти средини, што значи дека Стојаково максимално ги исполнува нивните услови за живеење. Деновиве тие мигрираат, но нивните гнезда ќе ги чекаат идната година.
Според националниот цензус на штркови на Македонското еколошко друштво, во 2015 година беа избројани 28 активни гнезда. Стојаково, Богородица (село соседно на Стојаково), Чифлик, Облешево, Боротино и Росоман беа села во Македонија со најголем број активни гнезда избројани во 2015 година.
– Селото Стојаково е рамничарско село и има две големи предности: прво, има доволно безбедни места за гнездење (речиси повеќето од гнездата се на далноводи, на кои често има платформи за штркови поставени од „ЕВН Македонија“, и второ, околните обработливи површини, близината на Вардар и влажните ливади околу локалитетот Ѓол Богородица нудат доволно храна за штрковите. Тоа се доволни предиспозиции за штрковите да имаат растечка и самоодржлива гнездечка популација во селото. Претседателот на месната заедница Роберт Иванџиков истакна дека неговите соселани отсекогаш имале позитивен став кон штрковите и сметаат дека колку повеќе штркови има во селото толку е подобро за сите – ни споделија од птичарскиот тим на МЕД.
Според МЕД цензусот на штрковите во 2015 година имаше за цел да ја установи состојбата со националната популација на штрковите и тој се спроведува на секои 10 години.
– Фактот што годинава во Стојаково се избројани многу повеќе гнезда е индикатор дека животните услови во селото се подобрени. Не е исклучен фактот дека нивниот број се зголемува локално како резултат на променети (најчесто влошени) гнездечки услови во други региони во Македонија. Иницијативата на месната заедница од Стојаково да ги избројат штрковите и желбата тоа да го прават секоја наредна година ни дава увид во промените што се случуваат на краток период.
За да им се обезбеди пријатна атмосфера е потребно одржување на основните предуслови за успешно гнездење, одржување на местата за гнездење и одржување на изворите на храна е доволно за почеток, велат од МЕД.
– Интересот на месната заедница на селото Стојаково да се одржува и унапреди оваа бројка на штркови му дава на МЕД соработник во зачувување на овој вид и унапредување на нивните гнездечки потенцијали на пошироко ниво – на ниво на екосистем. Покрај убавите новости, месната заедница забележа и пријави три случаи на штркови усмртени од струен удар. Ваквите случаи се резултат на контакт помеѓу штркови (или какви било други видови птици со доволно голем распон на крилја) и неизолирани структури на далноводи и други електрични структури. Покрај овие промени, потребно е да се одржуваат влажните ливади и други водни тела што им се главен извор на храна – ни објаснуваат од Македонското еколошко друштво.
Заштитата на овој вид е далекосежна – како знаменит вид за екосистеми поврзани со влажни живеалишта, заштитата на овој вид значи заштита и одржување на здравјето на овие живеалишта.
– Значи одржување чисти водотеци и влажни ливади, сигурни гнездечки структури, изолирани далноводи и други електрични структури се од особено значење за одржување здрави популации штркови. За возврат, штрковите нудат одржување на здравјето на екосистемите и економска придобивка за локалните заедници преку развивање туризам базиран на набљудување птици – дополнуваат од птичарскиот тим на МЕД.