Самитот меѓу Путин и Ким можеби не помина со толкава помпа како двете средби меѓу Трамп и Ким, но Пјонгјанг на него веројатно доби тајна поддршка со која ја засилува својата преговарачка моќ против Вашингтон
Администрацијата на Доналд Трамп продолжува да ја плаќа високата цена затоа што ја третира Русија како непријател. Владимир Путин се врати во играта со Северна Кореја. Тој би можел да биде корисен доколку сака да помогне, но сѐ додека Вашингтон ги поткопува интересите на Москва, Путин ќе го блокира Вашингтон.
Колапсот на Советскиот Сојуз привремено ја претвори Москва во геополитички неважен фактор. Никаде тоа не беше поочигледно отколку во Северна Кореја. Новата Руска Федерација ја призна Јужна Кореја, што предизвика лавина навреди и жестоки осуди од Северна Кореја. Протестите на Пјонгјанг воопшто не го загрижуваа Борис Елцин, бидејќи Југот нудеше подобри економски можности. Оттогаш Путин ја приближи Русија до Северна Кореја на претпазлив и скромен начин. Неодамна тој се сретна со корејскиот лидер Ким Јонг-ун во Владивосток. Тоа беше средба одржана без преголема помпа, на универзитетски кампус и без дадени изјави. Таа беше многу различна од минатогодишната драматична средба помеѓу Ким и Доналд Трамп во Сингапур. Севернокорејскиот лидер ја оцени средбата во Владивосток како „многу значајна“. Тоа, според него, било размена на мислења за прашања од заеднички интерес меѓу двајцата лидери, кои наликуваа на пријатели кои зграпчиле пијалак и зборувале за спорт.
Но последниот дипломатски потфат на Ким ѝ даде на Русија барем мал простор во иднината на Корејски Полуостров. Советскиот Сојуз имаше важна улога во корејските работи по Втората светска војна. Москва и Вашингтон го поделија островот на две окупациски зони, кои станаа посебни држави.
Советскиот Сојуз го поддржа командантот на силите против Јапонија, Ким Ил-сунг, да ја предводи новата Северна Кореја. Во 1950 година, Москва исто така ги одобри плановите на Ким да ја нападне Јужна Кореја, по што изби војната во Кореја. Но Сталин избегна очигледно директно вклучување, оставајќи ѝ на Кина да ја спаси Северна Кореја по вклучувањето на Америка во војната. Со десталинизацијата по смртта на Сталин, односите на Ким со Москва се влошија и Пјонгјанг беше во процес на создавање на уште поугнетувачки култ на личноста. Иако односите на Северот со Кина осцилираа, тие задржаа поголем историски, културен и економски влог во нивното мало соседство. На пример, кога Пекинг ја следеше Русија во признавањето на Сеул, реакцијата на Северна Кореја беше многу поодмерена. Пјонгјанг не може да си дозволи да го изгуби единствениот преостанат значителен сојузник.
Многу работи се променија и за Москва. Во изминатите три децении, вниманието на Русија беше цврсто фокусирано на Западот и експанзијата на НАТО, воените интервенции на Балканот и помошта за Грузија и за Украина. Но владата на Путин почна да се етаблира и на други места, како во Сирија, Венецуела и во Северна Кореја. Понатаму, Москва го направи ова главно за да му наштети на Вашингтон. Враќањето на Русија во Северна Кореја, слично како и брзото испраќање на неколку авиони со персонал и опрема до владата на Николас Мадуро во Венецуела, е одговор на Америка наместо одбрана на сериозни и уште помалку на витални национални интереси. Москва е загрижена за американските сили во близина на својот населен запад, а не на својот изолиран исток. Русија има малку вишок на капитал да инвестира во големата економска награда, Сибир, и нема население од етнички Корејци кои, на пример, ја поврзуваат Кина со Северна Кореја. Сепак, очигледната определба на Вашингтон да ги заплетка сопствените преговарачки позиции, барајќи од преживувачот Ким Јонг-ун да се доведе во беспомошна ситуација и да се надева на најдоброто, всушност му нуди на Путин повеќе отворени опции.
– Треба да ја обновиме моќта на меѓународното право, да се вратиме во ситуација во која меѓународното право, а не законот на најсилниот, ја определува состојбата во светот – вели Путин.
Ова можеби е лицемерна изјава, но таа може да привлече некои изненадувачки следбеници, со оглед на тоа што Вашингтон се обидува да го присили целиот свет да ги следи и прифати неговите политики во Иран, Куба и други места. Навистина, Путин поентираше на Полуостровот, посочувајќи ги перверзните награди понудени од американските влади за ранливите земји кои не му се допаѓаа на Вашингтон, како Либија, која беше принудена да се откаже од своите проектили и нуклеарни програми. Путин тврдеше дека доколку меѓународното право повторно се почитува, „тоа би бил првиот и критичен чекор кон решавање на предизвикувачките ситуации како таа со Корејски Полуостров“. Згора на тоа, Путин повика на обновување на т.н. шестрани разговори, кои ги вклучуваат Јапонија и Русија, заедно со Америка, Јужна Кореја, Кина и Северна Кореја. Тоа, сепак, има мала логика, со оглед на тоа што целта на Пјонгјанг дури и тогаш беше да се вклучи во директни разговори со Америка, која со право ја доживува како свој најголем непријател. Ким сега има директна линија до Пекинг, Сеул, Москва и, најважно, до Вашингтон. Во врска со Јапонија, изгледа дури и таму има интерес за организирање состанок со Ким. Советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, ја отфрли идејата, но тој беше принуден да се обрати до Путин и покрај грубите антируски политики кои ги имплементираше Вашингтон. Освен тоа, отфрлањето на Болтон изгледа празно, бидејќи билатералните разговори остануваат заглавени. Уште позначајно, Путин го одобри повикот на Ким за преговарачко решение чекор по чекор, поддржано со безбедносни гаранции на САД.
Рускиот лидер тврдеше: „Евентуално ќе биде можно да се постигне денуклеаризација ако се движиме напред постепено и доколку ги почитуваме интересите едни на други“. Што се чини дека е вистинито, претпоставувајќи дека Ким е подготвен за денуклеаризација.
Останува очигледната причина за сомневање во подготвеноста на Ким и на режимот да се откажат од оружјата во кои толку многу инвестираа и кои го нудат единственото одвраќање од американска воена акција. Навистина, освен претседателот Трамп, претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-ин и неколку левичарски активисти во Јужна Кореја, никој не верува дека Ким е подготвен и дека има волја да го направи тоа. Сепак, доколку ја разгледаме теоретската подготвеност на Ким да се откаже од целиот свој арсенал, тој лани ги постави своите услови. Изјавата на самитот во Сингапур беше во насока на тоа двете страни посветено да ја подобрат билатералната врска и за почеток да создадат помирна регионална атмосфера (од аспект на Пјонгјанг). За волја на вистината, тие изгледаат како разумни барања за разоружување. Двете страни наводно се согласија пред состанокот во Ханој да отворат канцеларии за врска и да ја прогласат војната за завршена, но овие предлози умреа кога Трамп ги напушти преговорите. Ова ќе беа скромни чекори, но сигурно ќе ги намалеа грижите на Ким и ќе го оправдаа американскиот притисок кон Северот за денуклеаризација. Неуспехот да се спроведе сето ова го сугерира прекумерното влијание на Болтон, кој лани повика на воена интервенција против Северот, што тешко може да придонесе Пјонгјанг да се чувствува сигурно. Иако советниците на претседателот на САД, за кои се чини дека го водат корејското шоу, не се наклонети да го слушаат рускиот претседател, неговата позиција ја поддржува јужнокорејскиот претседател Мун. Кина, исто така, отсекогаш зазема прагматичен поглед кон корејското прашање. Претседателот Трамп изгледа уште поизолиран.
Веројатно најразорната цел на Путин беше да се потсмее на јужнокорејската аспирација за американска доминација. Тој наведе руски предлози за транскорејски проекти, кои Сеул ги отфрли под притисок од Вашингтон. Тоа, како што рече, одразува „дефицит на суверенитет“. Путин би можел да добие некои поддржувачи помеѓу политичарите од Јужна Кореја, кои се загрижени дека американската непопустливост, која ја одразува фантазијата дека Ким може да биде принуден да ѝ верува на администрацијата на Трамп, ќе ја уништи уникатната можност да се обезбеди стабилен и мирен полуостров.
Најинтересното прашање од самитот нема да биде одговорено во блиска иднина. Дали Москва направи какви било неофицијални ветувања да го поддржи Северот, и, најважно од сѐ, да помогне во олеснување на влијанието од американските санкции? Придобивките за Пјонгјанг од таков договор би биле очигледни: задржување дури и на мала отворена врска ќе обезбеди функционирање на системот на Северна Кореја. Обврските на Русија исто така би го зголемиле притисокот врз Пекинг повеќе да го поддржува Пјонгјанг против Вашингтон за Кина да не ја изгуби дипломатската подлога која ја постигна во четирите самити во изминатите години.
За Русија економските придобивки од помагање на Северот се минимални. Пазарот на Северна Кореја е мал и тежок за менаџирање дури и во најдобрите времиња и какви било јавни активности би активирале дополнителни американски санкции против Москва. Сепак, помагањето на Северот, спротивставувајќи се на барањата на Вашингтон, би го отежнало обидот на администрацијата на Трамп да ја преобликува Североисточна Азија на начинот на кој сака. Дополнително, дипломатските придобивки би биле во тоа што Северна Кореја би стекнала уште еден пријател за да се задржи здрава независност на Пјонгјанг од Кина и Јужна Кореја. Ким продолжува да демонстрира добри дипломатски вештини. По средбата со Путин, преостанува само состанок со Шинзо Абе. Приватниот самит на Путин и Ким помина без преголем публицитет, но Северна Кореја од него можеби доби поголема тајна поддршка која би можела да ја засили нејзината преговарачка моќ против Вашингтон. Доколку тоа навистина се случи, само ќе ја зголеми цената што Америка ја плаќа од својата постојана мини-студена војна со Русија.