За успесите во СК таа сезонава освои 886.386 франци, а на СП уште 114.000, па вкупната парична награда за неа сезонава е точно 1.000.386 франци.
Далеку на второто место е Хиршер, со заработка од 565.111 франци во текот на минатата сезона за трките во СК
Алпската скијачка сензација Микаела Шифрин (САД) во сезоната 2018/2019 испиша и една друга историска страница, покрај успесите на снежните терени, со тоа што стана прва во светот на скијањето со заработка од еден милион франци во текот на една сезона, објави Светската скијачка федерација (ФИС).
Шифрин заработи 886.386 франци за нејзината неверојатна сезона во Светскиот куп (СК), во која оствари најголем број победи во една сезона, 17. На таа сума се додаваат и наградите за трофеите на Светското првенство (СП) во Оре, каде што Шифрин освои златни медали во супервелеслалом и во слалом и бронза во велеслалом, за што доби вкупно 114.000 франци. Така, вкупната парична награда за неа сезонава е точно 1.000.386 франци.
Во конкуренцијата на жени, најблиску до паричната награда на Шифрин е Петра Влхова од Словачка со 428.195 франци. Американката заработи најмногу во двете конкуренции, бидејќи кај мажите водечки е осумкратниот освојувач на кристалниот глобус, Австриецот Марсел Хиршер, со заработка од 565.111 франци во текот на минатата сезона. Втора сезона по ред Шифрин е на првото место според заработката од наградите од трките, но лани разликата со Хиршер беше само 43.000 франци.
– Исклучително сум горда што сум дел од спортот во кој не постои разлика во наградите помеѓу половите. Тоа е одлично, бидејќи можеби тоа ќе ги инспирира идните генерации да учествуваат во овој спорт, кој го сакам толку многу. Од моја перспектива, еднаквите награди значат дека јавноста има потреба и за машки и за женски алпски скијачки трки. Ние, како спортисти, имаме одговорност да привлечеме внимание кон овој спорт, да го направиме возбудлив – вели Шифрин.
Организаторите на трките за Светскиот куп обично плаќаат по 45.000 франци за победа, а паричната награда опаѓа до 500 франци за 30-то место. Шифрин стана првата скијачка што победила во трки во сите шест дисциплини – слалом, велеслалом, супервелеслалом, спуст, комбинација и паралелслалом. На возраст од 24 години, Шифрин има потенцијал да собори уште повеќе рекорди. Таа досега оствари 60 победи во СК, Линдзи Вон води меѓу скијачките со 82, а вкупно водечки е Ингемар Стенмарк со 86 триумфи во СК.