Мартин Серафимов во карактеристичен пробив Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од синоќешниот исход на мечот Македонија – Јапонија ќе зависи противникот на избраниците на селекторот Данило Брестовац во утрешното осминафинале на СП во ракомет за кадети

Последното коло од групната фаза на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години што се игра во Скопје ќе претставува чиста формалност за селекциите, бидејќи се познати сите патници во осминафиналната фаза. Единствено што може да се промени по 5-то коло е пласманот на табелата, односно противникот во следната фаза.
Од групата А, место во осминафиналето обезбедија Хрватска, Шпанија, Норвешка и Словенија, а нивни противници со кои ќе вкрстат во првата елиминациска рунда ќе бидат селекциите од групата Б, односно Шведска, Унгарија, Франција и Египет.
Од групата Ц, каде што игра Македонија, пласман во осминафиналната фаза обезбедија Данска, Аргентина и Јапонија, кои, пак, спроти себе ќе ги имаат врсниците од групата Д, односно Португалија, Исланд, Германија и Тунис.

Во вкрстените осминафинални дуели селекциите ќе играат по системот првиот од едната група со четвртиот од втората и вториот од едната со третиот од другата група, па од синоќешниот исход на мечот Македонија – Јапонија зависи и противникот на избраниците на селекторот Данило Брестовац во осминафиналето. Доколку Македонија ја победи Јапонија, за противник во утрешното осминафинале ќе го има Исланд, а доколку загуби ќе игра со Португалија, селекција што на ова СП дојде со вајлд-карта на местото на Нов Зеланд и Океанија, кои, пак, го откажаа својот настап.
Победниците во утрешните дуели ќе играат во втората елиминациска фаза – четврт-финалето, а поразените ќе разигруваат за пласман.

Во досегашниот тек од шампионатот Унгарија го има најдобриот чувар на мрежата, Кристоф Ѓори, кој има одбрането 47 од 114 удари кон неговиот гол (просек од 11,75 по меч). Втор е Исланѓанецот Сигардур Оскарсон со 42 интервенции од 123 удари (10,50 по меч). Македонскиот голман Марко Кизиќ на четирите досегашни натпревари има забележано 35 успешни интервенции (8,75 по меч).

Според досегашната тимска статистика, селекцијата на Шведска го има најдобриот напад со 144 гола (просек 36 по меч), додека Хрватска ја има најдобрата одбрана со примени 79 гола (19,75 по меч). Хрватите го имаат и процентуално најефикасниот напад со 73,6-отстотна реализација (142 погодоци од 193 удари), а исто така ја имаат најтимската игра со 73 меѓусебни асистенции.

Втори во колегијална игра се Швеѓаните со 72 проигрувања, трета е Норвешка со 65, а четврта е Македонија со 62 меѓусебни асистенции. Селекцијата на Канада игра најсебично во нападот, само со 17 асистенции во четири меча, втор е Тунис со 20, а Србија е трета само со 25 асистенции.

Канада засега има најмногу грешки во нападот, 134 (33,4 по меч), зад неа се Саудиска Арабија со 88 технички грешки (22 по меч) и Кинески Тајпеј со 86 (21,5 по меч). Најмалку технички грешки има Германија, која загубила 37 топки (9,25 по меч), а по 38 технички грешки (9,5 по меч) имаат репрезентациите на Хрватска и Јапонија.


Серафимов прв стрелец и асистент

По четири кола, капитенот на македонскиот национален тим Мартин Серафимов, со 33 реализации, води на листата на стрелците, веднаш зад него со 32 гола е десното крило Ненад Костески, а трет е најмладиот учесник на шампионатот, 15-годишниот нигериски десен бек Фарук Јусуф, со 31 погодок. Десниот бек Серафимов ја има првата позиција и на листата на асистенти на СП. Тој кон своите соиграчи поделил 26 топки што завршиле со погодок. Костески и Јусуф заедно се најдобрите „крадци“ на топки, со по шест топки.