Издавачката куќа „Антолог“ најавува дека во рамките на проектот „Биди свој, биди ЕУ!“ ја објави книгата „Човекот по име Уве“ од шведскиот автор Фредрик Бакман. Книгата на прв поглед е само роман за влијанието на еден човечки живот врз безброј други, трагикомична приказна за сладок раздразлив старец што го малтретира целото маало со својата желба за апсолутна контрола. Уве е 59-годишен вдовец и тагата по неговата неодамна почината љубена го тера секој ден да ја посакува сопствената смрт. Уве е тип човек што покажува со прст во луѓето што не му се допаѓаат.
Секое утро врши рутинска инспекција низ населбата во која живее, ги преместува велосипедите и проверува дали ѓубрето е правилно селектирано, иако веќе поминале неколку години откако е сменет од функцијата претседател на здружението на станарите. Уве е вечно гневен и незадоволен, лесно избувлив, Уве е сосед од кошмарите. Меѓутоа, неговата педантерија и железна принципиелност доаѓаат во контакт со новите соседи и неочекувано се развива приказна што суштински ќе промени еден човек и цело соседство. Филмската адаптација на книгата во 2017 година е номинирана за „оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, а во подготовка е американски римејк со Том Хенкс.
Фредрик Бакман е шведски писател и колумнист, кој пишува лесно движечки приказни – одисеи за обичниот маж и обичната жена, за нивните секојдневни храбри потези и одлуки. Неговиот стил е екстремно смешен, но и емотивен и паметен. Досега објавил шест романи, две новели за животот и љубовта и една книга за родителство. Во 2012 година Бакман го остварува своето литерарно деби, книга што по определени критериуми би можела да се нарече и глобална сензација.
Преводот на книгата од шведски на македонски јазик е дело на Ивица Челиковиќ, графичкото уредување е на Марко Трпески, а книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура.