На Украинците, потребна им е победа за „европска пролет“, додека за Лион и ремито ќе значи пласман во осминафиналето
Во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал со вечерашните осум натпревари завршува групната фаза по која ќе бидат познати 16-те тима, кои ќе се квалификуваат за нокаут-фазата.
За разлика од повеќето натпревари што се од формален карактер, мечот во Киев, меѓу Шахтар и Лион во групата Ф, решава која од овие две екипи, покрај Манчестер сити, ќе се квалификува за осминафиналето. На Украинците, кои моментно се трети со пет бода, потребна им е победа за „европска пролет“ (со реми продолжуваат во Лига Европа), додека за Лион (втор со седум бода) и ремито ќе значи пласман во осминафиналето.
Во групите Е, Г и Х, Ајакс, Баерн, Реал, Рома, Јувентус и Манчестер јунајтед, уште пред ова коло си обезбедија пласман во осминафиналето. Оттаму вечерашните мечеви треба да го дадат одговорот кои екипи ќе бидат првопласирани и ќе имаат малку поповолна ситуација при ждрепката за осминафиналните двојки (ќе играат против второпласираните во групите). закажана за 17 декември во Нион.
Бенфика (група Е) и Валенсија (група Х) како трети продолжуваат во Лига Европа (ЛЕ), а за АЕК, односно Јанг бојс, завршија европските натпревари.
Пласманот во осминафиналната нокаут-фаза (првите натпревари ќе се играат на 12, 13, 19 и 20 февруари 2019) за 16 тима ќе значи и солидна заработка. Само за играњето во групната фаза 32-та клуба добиваат по 15,25 милиони евра, плус по 2,7 млн за победа, односно 900.000 евра за реми. Пласманот во осминафиналето значи дополнителни 9,5 милиони евра за секој од 16-те тимови, за четврт-финале по 10,5, за полуфинале по 12 и за финале по 15 милиони евра (победникот добива плус четири милиони евра). На овие суми треба да се додадат и парите што ќе ги добијат клубовите од ТВ-правата и од други маркетиншки зделки.