Тој освои 7,5 поени, колку што имаше и велемајсторот Звонко Станојоски, но Панчевски имаше подобар дополнителен критериум. Трет е ИМ Никола Николовски со седум поени
Членот на ШК Алкалоид и репрезентативец, интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.495 рејтинг-поени), триумфира на Отвореното шаховско првенството на Македонија во Скопје во конкуренција на 71 учесник (двајца велемајстори, тројца ИМ, деветмина ФИДЕ-мајстори). За Панчевски ова е четврта титула првак на Македонија (славеше и во 2012, 2014 и 2016-та).
По девет кола тој освои 7,5 поени, колку што имаше и велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски (2.441, рангиран втор пред турнирот), но послаб дополнителен критериум. Трет е ИМ Никола Николовски (2.395, рангиран трет) со седум поени. Радува пласманот на Емил Ристески (14 год.), кој е петти со 6,5 поени. Најдобра шахистка е Ивана Манова (рејтинг 1.593), која е 23-та со пет поени.
– Бев прворангиран на првенството и се надевав на првото место и моја четврта титула. Неколку играчи имаа шанси да победат, па беше неизвесно до самиот крај. Неизвесна беше партијата со Николовски, каде што успеав да создадам предност во цајтнотот. Во три партии не одиграв добро, во другите задоволен сум од прикажаната игра – вели Панчевски.
Од овој турнир пласман на Затвореното првенство во 2019 година обезбедија првите шестмина, а на него ќе настапат уште еден шахист со вајлд-карта од ШФМ, како и првите тројца на македонската јануарска рејтинг-листа во 2019 година. Ако некој од овие први шест е меѓу нив, тогаш се ослободува место за следниот според пласманот на Отвореното првенство.