Четворица кавадарчани повторно поминаа 1.050 километри со велосипеди во чест на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески.
Драган Јованов, Тони Стефанов, Марјан Хаџи Мустафов, Ѓоке Белевски, логистички помогнати од Диме Коцевски, патуваа од местото на кобната несреќа во Хрватска, во близината на Нова Градишка, па до родното место на Тоше, Крушево. Акцијата, која се организира вторпат започна на 12-ти, а заврши на 21 септември.
Четворицата велосипедисти пред да тргнат од Нова Градишка положиле цвеќе на спомен-плочата што во чест на Тоше е поставена во училиште на само 20 метри од местото каде што со хеликоптер беше пренесено телото на Тоше од Нова Градишка до Крушево.
– Првата етапа беше Нова Градишка – Винковци, која е во должина од 150 километри. Се преноќува во Винковци и околу 8 ч. утрото почнува втората етапа, од Винковци до Шабац, со ноќевање, па се продолжува од Шабац до Чачак. Четвртата етапа беше Чачак – Алексинац, каде што имаше две ноќевања поради неповолни временски услови. Петтата етапа беше од Алексинац до Врање, шестата Врање – Кавадарци и на крајот, седмата етапа Кавадарци – Крушево, каде што четворицата херои ја посетија Спомен-куќата на Тоше. По средбата со луѓето од фондацијата и со членови на семејството на Проески следуваше враќање во Кавадарци, успешно завршувајќи ја вторпат оваа спортско-хуманитарна акција насловена „Од срце за Тоше“ – вели Диме Коцевски, одговорен за логистика.
Тој упати благодарност до фондацијата „Тоше Проески“, до неговото семејство, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и советот на општината и до сите спонзори и помагатели без кои оваа иницијатива не би била можна.