Грчкиот премиер Алексис Ципрас најави намалување на даноците за храна и енергија, како и откуп на дел од грчкиот долг од Меѓународниот монетарен фонд. Како што објасни премиерот на Грција, станува збор за постојани мерки поделени во два дела, мерки што ќе се воведат веднаш, оваа година и мерки што ќе се воведат следната година. Овие мерки имаат цел Грците што поскоро да го почувствуваат заздравувањето на стопанството. Штедењето што го спроведе левичарската влада на Ципрас ѝ овозможуваат на Грција да исплати 3,6 милијарди евра кредит од ММФ.
Грција во август лани и официјално излезе од програмите за меѓународна финансиска помош, но и натаму е под засилена контрола на кредиторите
За 2019 година, грчката влада планира во текот на месецов да изгласа и да спроведе: намалување на ДДВ од 24 отсто на 13 отсто за угостителските услуги и за прехранбените производи во супермаркетите, намалување на ДДВ од 13 отсто на 6 отсто за струјата и природниот гас и воведување 13-та пензија за пензионерите.
– Овој план го презентираме пред грчкиот народ. За овој план утре бараме глас за доверба од парламентот. Но за овој план, на 26 мај бараме глас на доверба од грчкиот народ и, секако, негово конечно одобрување на почетокот на следниот октомври на националните избори за да го спроведеме – рече грчкиот премиер.