Паркиралишта на ЈП „Градски паркинг“ во централното градско подрачје

Добро развиена мрежа за движење и циркулирање низ градот овозможува тој добро да функционира, а градот Скопје, за жал, не е на листата на такви градови. Од друга страна, тој е пренаселен, а малата економска моќ на граѓаните дополнително го нарушува концептот за прописно паркирање на местата обележани за тоа

Иако има доста паркиралишта во градов, како и катни гаражи, голем дел возачи или се паркираат непрописно или бараат паркиралиште каде што не треба да платат. За дел од скопјани цените за паркинг-услугите се високи, додека други сметаат дека паркирањето во центарот на Скопје и треба скапо да се плаќа, за да не се создава метеж. Најзадоволни се оние што на каков било начин би можеле да ги избегнат скопските паркинзи, а да бидат поблиску до местото каде што наумиле да стигнат. Оние што управуваат со градските паркинзи велат дека местата на паркиралиштата вообичаено им се пополнети, а се градат и нови. Исто така граѓаните треба да знаат каде може, а каде не може да се паркираат, но и колку ќе платат за таа услуга. Честопати, за да се побегне од сообраќајниот метеж или за да не се заглави во него, граѓаните бегаат од паркиралиштата каде што се наплаќа, истовремено избегнувајќи ја и давачката за паркирање. Оние, пак, што паркираат во зоните, токму поради губењето многу време за паркирање прават грешки при пишувањето на пораките, а потоа имаат проблем.

Добро развиена мрежа за движење и циркулирање низ градот овозможува тој добро да функционира, а градот Скопје, за жал, не е на листата на такви градови. Од друга страна, тој е пренаселен, а малата економска моќ на граѓаните дополнително го нарушува концептот за прописно паркирање на местата обележани за тоа. Граѓаните секојдневно имаат дополнително финансиско оптоварување ако на пример сакаат да стигнат со автомобил до своето работно место или ако сакаат да посетат пријател што се наоѓа во друга општина. За да паркираат блиску до работното место или блиску до улицата на пријателот, на пример, треба да платат од 25 до 100 денари од час, а цената зависи од тоа во која зона се наоѓаат. Но, од друга страна, пак, не се наплаќа паркинг во сите општини, па некои токму поради ова одлучуваат дали ќе одат на гости со автомобил или ќе користат друг превоз.
На територијата на Скопје постојат две јавни претпријатија што управуваат со јавните паркинзи, „Градски паркинг“ и „Паркиралишта на општина Центар“. Овие претпријатија дејствуваат во одредени општини, кои се поделени во неколку зони. Главно јавните паркиралишта се распространети во општините Центар, Аеродром и Карпош. ЈП „Градски паркинг“ е задолжено за мал дел од општините Карпош, Аеродром и Центар.

– ЈП „Градски паркинг“ со зонско паркирање опфаќа 33 локации, од кои 24 се на територијата на општината Центар, седум локации се на територијата на општината Аеродром и две на територијата на општината Карпош. Во согласност со извештајот за работа на ЈП „Градски паркинг“ од 2018 година, претпријатието стопанисува со вкупно со 8.324 паркинг-места на територијата на Скопје, од кои 1.603 места се на затворени паркинзи, 5.671 место се во рамките на зонското паркирање, како и 1.050 паркинг-места во рамките на двете катни гаражи со кои стопанисува јавното претпријатие – информираат од градот Скопје.
Од друга страна, ЈП ПОЦ е задолжено за општината Центар, а опфаќа 33 локации и една катна гаража кај Судска палата и монтажна гаража кај Капиштец.
– На територијата на Скопје, паралелно на територијата на општината Центар функционира и општинското претпријатие „Паркинзи на општина Центар“, кое стопанисува со неколку паркинзи на општинските улици. Дополнително, во Скопје постојат поголем број поголеми комерцијални паркинзи, за што субјектите имаат одобрение од градот Скопје, како и катни гаражи (во Скопје четири катни гаражи се на Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, една е на општината Центар, а неколку се и на приватни сопственици) – велат од градот Скопје.


Зоните за паркирање се ограничени со цени и со време

ЈП „Градски паркинг“ има пет зони: зона А0 со 100 денари и зона А со 45 денари за првиот час, а за секој нареден се доплаќа по 45 денари, зона Б со 35 денари по час и зона Ц и Д со по 25 денари од час. ЈП ПОЦ поседува четири зони: зона 01, на која паркирањето чини 50 денари по час, зона 0 пак е 100 денари по час, паркирањето во зона 1 се наплатува по 40 денари по час, додека во зона 2 тоа изнесува 30 денари.
Паркирањето на јавно паркиралиште во некои зони е со ограничено времетраење на паркирање. Паркиралиштата на ЈП „Градски паркинг“ во зона А се ограничени на два часа, а во зона Б се лимитирани на четири часа. Паркирањето на паркинзите на ЈП ПОЦ во зона 0 е ограничено на еден час, а во зона 01 возилата може да се оставаат на два часа, колку што е дозволено и во зона 1. Максимални три часа паркирање се дозволени во зона 2.
Најголем проблем на граѓаните им претставуваат зоните 01 и 1, бидејќи при пишувањето прават грешки. При внесувањето на податоците за зоните несвесно наместо да го внесат бројот 01 запишуваат 1 и на тој начин се паркираат во зоната 01, а резервирале паркирање во зона 1, односно во друга зона. Поради ова граѓаните си ги наоѓаат блокирани возилата со канџи, па своето невнимание го плаќаат парично.


Центар ќе обезбеди повеќе паркинзи за своите жители

Општината Центар има цел на своите граѓани да им обезбеди повеќе места за паркирање, односно сите паркинзи во строгото градско подрачје да ги направи резидентни, а ова вчера го потврди и градоначалникот на општината Центар, Саша Богдановиќ.
– Чекаме одредени измени во правилникот на јавното претпријатие со кои ќе оневозможиме паркирање на други автомобили, освен за жителите. Ќе започнеме со реконструкција на паркингот кај „Палома Бјанка“, па потоа ќе се префрлиме на сите наши затворени. Најчувствителни паркинзи се кај соборниот храм, Дом на градежници, „Трготекстил“ и Зелен пазар – кажа вчера градоначалникот.
Целта на општината Центар е да ги натера возачите што не живеат на нејзина територија да се паркираат во катните гаражи, кои ги има во сѐ поголем број. Тој објасни дека во општината се дискутирало во врска со правни измени во правилникот, дали да ја зголемат цената на паркинзите или само да ги направат резидентни. Се разгледувала и идејата за давање бесплатно користење велосипед и тротинет за граѓаните што ќе се паркираат во катна гаража. С.К.