Генетиката, традицијата, смислата за играње фудбал или природниот талент, како и љубовта кон оваа игра, која им е во крвта, се некои од одговорите на прашањето на што се должи успехот на Хрватите на СП 2018
Хрватска и второто место на Светското првенство во фудбал во Русија, покрај титулата на Франција, се на насловните страници речиси на сите светски медиуми. Едно од клучните прашања е како една мала земја (4,5 милиони жители), релативно сиромашна, со лоша фудбалска инфраструктура, но очигледно богата со талентирани и квалитетни фудбалери, стигна на чекор до светскиот врв. Успехот на Хрватите е големо изненадување за сите во светот, па и во Хрватска.
Генетиката, традицијата, смислата за играње фудбал или природниот талент, како и љубовта кон оваа игра, која им е во крвта, се некои од одговорите. Базата е таа по која, по играњето по ливадите и на терените што често едвај ги задоволуваат елементарните стандарди, следува надградбата. Тоа значи играње во најсилните клубови (ги има неколку во Хрватска), а потоа трансфери во посилните и побогати странски клубови. Примери има многу, но сите го издвојуваат развојниот пат на Лука Модриќ од Задар, преку Динамо, Тотенхем и Реал Мадрид, до признанието за најдобар фудбалер на СП 2018.
– Парите во целата оваа приказна се од второ или третостепено значење за младите хрватски фудбалери, кои се желни за докажување и за потврда на својот талент. За нив нема никаков специјален третман, хотели, тренинг-кампови и слично, како во Германија на пример, постои само желбата да се игра фудбал – вели Нико Ковач, поранешен репрезентативец, сега тренер на Баерн.
Фудбалот и спортот воопшто имаат голема улога во поновата историја на Хрватска и во профилирањето на националниот идентитет. На прашањето пред финалето против Франција, што е тоа што ги издвојува хрватските фудбалери од другите, одговорот на Иван Ракитиќ беше следниот: „Не станува збор за тоа дека ние повеќе ја сакаме победата од другите. Она што нѐ разликува е гордоста кога го носиме дресот со државниот грб. Играњето за Хрватска не може да се спореди со настапите за вашиот клуб, тоа е нешто друго“.
На домашен план, Хрватите имаа(т) многу недоразбирања, проблеми. На клупски план, по 1998 година, само Динамо Загреб продолжи со инвестирањето во младите таленти и сега се вбројува меѓу врвните европски фудбалски академии, низ која минале 10 фудбалери од сегашната генерација. Состојбата со стадионите или, попрецизно, игралиштата е повеќе од лоша, клубовите се сиромашни, некои им должат по неколку плати на фудбалерите и излезот од кризата и начинот за преживување го бараат преку трансферите во странство.
Но Хрватска сега е радосна и среќна поради фудбалот и групата играчи што покажаа дека се рамноправни со најдобрите во светот.