Ексклузивно за „Нова Македонија“, интервју со Николас Холт
Николас Холт, кого неодамна го видовме во филмот „Миленичка“, се враќа во улогата на Хенк Мекој чија мутантска моќ го трансформира во влакнестото суштество познато како Ѕверот. Досега овој лик го играше во три филма, а во „Мрачниот феникс“, Хенк е професор во училиштето за надарени на Егзевиер. Но нештата ќе се променат за Хенк и за другите, бидејќи Џин станува помоќна. Холт зборува за работата со Сајмон Кинберг како режисер, за повторната средба со пријателите и дали модниот стил на Хенк се променил низ годините.
Како се покажа Сајмон како режисер?
– Целосно се внесува кога станува збор за сценариото и за продукцијата. Раскажувањето приказни му е најсилна страна, одличен е во тој домен. Навистина беше прекрасно да се види како режира и како ги разви ликовите, а нам ни беше задоволство да работиме со него. Снимивме многу вакви филмови, така што секој од нив има свое темпо, свој тек на работата. Имаше нов директор на фотографија, а Мауро Фиоре ја внесе својата енергија и им даде нова димензија на кадрите. Згора на тоа, Сајмон сакаше да навлеземе во емотивната страна на ликовите, добро да се подготвиме и наедно ни даде простор да им вдахнеме живот.
Приказната за „Мрачниот феникс“ се случува во 1990-тите години. Што се случува со Хенк?
– Во почетокот на филмот, Хенк е онаму каде што заврши претходниот. Сè уште живее во училиштето за надарени на Егзевиер, уште е професор и е еден од сениорите. Би рекол дека сега е речиси на исто рамниште со Егзевиер. Во последниот филм првпат почна да предава, во тој пред него беше помошник, а во првиот беше само ученик. Сајмон Кинберг ми даде простор да го извадам емотивното од ликот, да покажам елементи од Хенк и од Ѕверот што претходно не сме ги виделе.
Дали во овој филм гледаме како се зголемува егото на Чарлс поради успехот на мутантите „Екс-мен“ како херои?
– Да, јавноста ги обожава, имаат следбеници, претседателот има директна телефонска линија со Чарлс и постојано комуницира со нив. Мутантите се посебна, елитна единица, која секогаш е подготвена да го спаси светот. Секогаш наидуваат на добар пречек, но со настаните во овој филм и тоа што Џин Греј станува Мрачниот феникс, нештата се менуваат. Добрата работа во „Мрачниот феникс“ е што ги третира главните човечки емоции, како што се предавството, болката, љубовта, загубата. Токму овие луѓе што имаат моќи и специјални способности гледаме како се справуваат со сите нив.
Дали станува збор за подиректна закана овој пат?
– Станува збор за она што се случува кога се трудите да ги заштитите луѓето и да ги скриете нештата од нив за нивно добро. Но кога вистината испливува на површина, соочувањето е поболно поради она што се случило претходно, а се случуваат настани што не можат лесно да се сфатат и да се контролираат. Станува збор за семејство што се распаѓа.
Хенк отсекогаш му бил совест на Чарлс. Дали има храброст да му го каже она што другите не можат?
– Рејвен, ликот на Џенифер Лоренс, знае да му се спротивстави. Таа ќе му ја каже реалноста в лице. Хенк навистина му мисли најдобро и долго време се грижи за него. Но во овој филм, Чарлс претерува, а Хенк почнува да забележува страни од неговиот карактер со кои не се согласува и повеќе не функционира неговиот начин на работа. Затоа Хенк станува поекстремен.
Дали се промени стилот на Хенк?
– Хенк секогаш имал свој посебен стил. Секогаш изгледал постаро за годините, негува еден професорски изглед. Но неговиот стил малку е променет во овој филм. Не изгледам многу во стилот на 1990-тите години, затоа што мојот лик не ја следи модата.
Актерската екипа повторно се собра. Дали сè уште се забавувате кога работите заедно? Дали се чувствувате како да сте деца?
– Не лудувавме многу. Овој пат бевме примерни, бевме сериозни по читањето на сценариото и ја сфативме суштината на филмот. Сите се концентрираа на своите ликови и нивната приказна. Секако дека се забавувавме, супер беше да се видиме повторно, но не беше хаотично како на претходните филмови. Бевме воодушевени од она што Сајмон ни го прикажа и од неговата посветеност. Кога знаете дека толку многу труд бил вложен, тогаш и вие сакате да станете дел од тоа.
Како се покажа Џесика Честејн во тимот?
– Да бидам искрен, мојот лик нема многу интеракција со нејзиниот, но имавме среќа да соработуваме со големи актерски имиња. Од Ијан Мекелен, Патрик Стјуарт и Хју Џекмен до Оскар Ајзак или Кевин Бејкон, а сега и Џесика. Сите овие ликови се извонредно направени, а актерите им даваат живот и димензионалност. Имавме многу среќа да го видиме нејзиниот брилијантен талент и да биде една од негативците во филмот.
Повторно ја носите маската на Ѕверот. Дали сте веќе навикнати?
– Ја носам истата маска од минатиот филм. Тимот овој пат работеше побрзо и беше повешт. Се работеше на нови дизајни, но другиот дел е ист во однос на бојата и шминката.
Дали користевте специјални ефекти за да го доловите подобро ликот?
– Една од опциите беше така да го градиме ликот, но поголем ефект се постигнува со шминката и со моите движења. Интересно е што ако се навратите на филмовите од пред 10, 15 години, специјалните ефекти што тогаш беа одлични, сега се многу слаби. Тоа ќе го забележевме во неговиот лик, ако беше претставен само со специјалните ефекти, така што кога би се навратиле да речеме на „Прва класа“, тој ќе изгледа сосема различно од денес. Изводливо е неговиот лик така да биде претставен поради развојот на технологијата и графиката, но јас сум среќен што го играм затоа што можам да му дадам тежина на ликот, а шминката го постигнува својот ефект. Што се однесува до другите луѓе на сетот, иако ме гледаат во маската на Ѕверот, имаат со кого да стапат во интеракција.
Дали има сцена за која едвај чекате да ги видите реакциите на јавноста?
– Дефинитивно има сцени што едвај чекав да ги одиграм и се надевам дека ќе бидат такви какви што ги замислував и ќе им се допаднат на гледачите. Бидејќи самите ние додека снимаме не знаеме каков ќе биде крајниот производ, така што и јас едвај чекам да го видам филмот на големото платно. На филмскиот сет немате сцени секој ден, не можете сè да видите и голем дел се снима на зелено платно, така што љубопитен сум и јас да видам како изгледа целината. Но ако омилените сцени излезат на крајот како што сакав, тогаш сигурно ќе бидат одлични.
Која е темата на овој филм?
– Емотивната страна на мутантите „Екс-мен“, како тие се разликуваат од другите суперхерои и како општеството се однесува со нив. Не треба да се суди за книгата според корицата. Во овој филм се става акцентот на тоа што прават луѓето за да ги заштитат блиските, но тоа всушност прави повеќе штета отколку добро. Се третира и семејството како заедница, како луѓето минуваат низ нештата и како се справуваат со нив, но и дали се поддржуваат. Од една страна, во почетокот на филмот, го имате елементот како мутантите „Екс-мен“ се прифатени од општеството, имаат обожаватели, ги сметаат за херои и како тоа се менува за кратко време. Ова се случува и во реалниот живот. Медиумите обожаваат да создаваат херои и потоа наеднаш да ги фрлат во калта. Секојдневно сме сведоци на вакви приказни и како тие влијаат врз луѓето.
Превод: Билјана Здравковска