Дебора Трисман за магазинот „Њујоркер“ неодамна го интервјуира британскиот писател, драмски автор, сценарист и режисер Ханиф Куреиши за неговиот најнов расказ насловен „Таа рече, тој рече“. Куреиши во него говори за маж што се обидува да ја изневери својата сопруга со нејзината пријателка, а последиците од таа средба прават сопругот да се чувствува како одведен во еден чуден, нов свет.
– „Таа рече, тој рече“ ми дојде како идеја од движењето „И јас“ и од вжештените разговори што неодамна забележав дека ги водат моите пријатели. Како писател, природно сум фасциниран од тоа како зборуваме за љубовта и сексот: како нашиот јазик и нашиот речник се обновуваат, дебатираат и расправаат. Овој дискурс понекогаш се толкува како резултат на „политичка коректност“, но всушност е многу повеќе од тоа. Зошто го зборуваме она што го зборуваме? Што сакаме да постигнеме?
Какви луѓе сакаме да бидеме сега? Што претставува љубовта денес и како треба да зборуваме за неа? Кои се најдобрите зборови за употреба? – се прашува Куреиши одговарајќи на новинарско прашање од каде произлегла идејата за неговиот расказ. Главниот машки лик во приказната на Куреиши, Матео, прави еден несмасен обид да ја заведе пријателката на неговата сопруга и, како што вели Куреиши, тој обид не би успеал никогаш.
– Тој би се понижил, како што многу мажи сакаат да го прават тоа пред жена. Тој тогаш ќе се налутеше, особено на неа, но и на нејзината група пријателки. За неговото понижување ќе се дискутираше во нивниот круг, ќе се процесираше и размислуваше сè додека тој навидум не стане некој сосема друг. Оваа идеја ми беше интересна: да познаваш некого, а потоа истиот човек да го преиспиташ во светлина на проширеното знаење. Како се менува вашата врска со некоја личност за која одеднаш треба да почнеш да размислуваш поинаку? Како го продолжувате пријателството? – вели тој во интервјуто за „Њујоркер“.
Според Куреиши, движењето „И јас“ создаде возбудливи времиња за односите меѓу мажите и жените.
– Луѓето не се исти, но можат да бидат еднакви. Или, уште поважно, зошто некој треба да се плаши од еднаквоста? Ако не се обидуваме да се заплашиме или плашиме еден од друг, ако ја намалиме нашата самоодбрана, што можеме да постигнеме заедно? Неодамнешната борба на жените е и борба на студенти, уметници и други работници против различни форми на понижување и моќ – посочил Куреиши, кој работел во театар и во кино, каде што бил сведок на голем број дискусии за моќта на режисерот и на одредени актери. Тој осознал дека родовите односи, сексуалните односи и генерациските односи се менуваат цело време.
– Романтичните односи се разгледуваат и обновуваат постојано, ова е дел од љубовта. Но ние се наоѓаме во особено турбулентен период. Квалитетот на нашата мисла и разговор за оваа тема особено ме интересира, исто како што сум возбуден од можностите што ги нудат овие промени. Ќе има повеќе размени, иако веројатно нема да има помалку недоразбирања. Можеме ли да имаме подобри конфликти и поинтересни несогласувања? Ова можеби се мрачни денови за Европа и за САД, но се појавуваат она што Фуко ги нарекува „нови форми на социјабилност“, што и покрај сѐ, ни дава добра причина да бидеме оптимисти – вели Ханиф Куреиши.
Расказот „Таа рече, тој рече“ ќе се појави во збирката на Куреиши „Што се случи“, која се очекува да излезе во октомври годинава.
– Како писател, не сакам да знам премногу за тоа што правам. Сакам да седнам на моето биро со надеж, а не со сигурност и да бидам изненаден. Но гледајќи на моето досегашно пишување, како и на мојата претстојна збирка, можам да видам дека сум бил најзаинтересиран да раскажувам приказни за расата, за социјалното влијанието на религијата, за сексуалните и љубовните односи, и за тоа што се случува во животот на поединците кога ќе се судрат овие елементи – рече тој во однос на тоа дали посочената приказна е поврзана со другите парчиња од оваа книга. И.Р.