Американскиот политиколог Френсис Фукујама стана ѕвезда прекуноќ кога во статијата за едно списание од 1989 година тврдеше дека либералната капиталистичка демократија не само што го победи комунизмот, туку и ја одбележа последната идеолошка фаза во човековата историја. Фукујама сега објаснува зошто тој верува дека неговата широка теорија сè уште важи и покрај подемот на популистичките партии и „нелибералните демократи“, како што се оние на Виктор Орбан од Унгарија и на Реџеп Таип Ердоган од Турција
Во вашата книга „Крајот на историјата“ ја прогласивте победата на либералната демократија. Но сега, 25 години подоцна, либералната демократија се чини дека е под закана. Дали завршува ерата на либерализмот?
– Не реков дека демократијата извојува победи секаде во светот. Прашањето во „Крајот на историјата“ е за насоката по која ќе се движи историјата. Нејзиниот „крај“ не е во смисла на прекин, туку на цел.
Речиси 150 години, марксистите тврдат дека крајот на историјата е комунизмот и дека ние еволуираме во таа насока. Јас не се сложив со тоа тврдење и сметам дека ако веќе еволуираме во некаква насока, тогаш таа е кон либералната демократија поврзана со пазарната економија и сè уште верувам дека е така. Мислам дека е крајно избрзано да прогласиме дека проектот е завршен. Ако го погледнете светот, точно, имате популистички држави како Унгарија и како Полска, но тоа не е доминантен тренд. Секако ова загрижува, затоа што постои притисок врз глобализацијата и елитите. Но воопшто не е јасно дека крајот на историјата е унгарската нелиберална демократија или дека моделот на Путин ќе стане универзален модел што луѓето ќе го прифатат. Мислам дека либералната демократија сè уште е најдобрата форма на владеење од многу причини. Таа е најодржливиот модел и мислам дека најверојатно сама ќе се поправи.
Што мислите за Кина? Нејзиниот авторитарен модел одлично функционира.
– Да, но не можете да процените дали некој режим е успешен само на краток рок. Прашањето е дали може Кина успешно да функционира на подолг рок? Постојат многу причини зошто економскиот и политичкиот модел на Кина можеби и не е толку одржлив.
Една од поголемите предности што земјата ја имаше во минатото е што имаше институционализирана форма на авторитарно владеење. Комунистичката партија имаше многу институционални правила, како што се ограничувањето на мандатите и задолжителната старосна граница за пензионирање.
Неодамна, Си Џинпинг направи промени во оваа сфера. На некој начин, тој ја носи Кина во насока да стане африканска диктатура. Мислам дека постојат одредени реални прашања за тоа колку долго ќе издржи ваквото владеење.
Многу држави стравуваа дека ќе ја изгубат контролата врз нивниот културен идентитет поради закана од големата миграција. Европејците мора да одговорат на дел од овие основни стравови. Во сите три сфери постојат мерки што треба да се преземат за да им се помогне на луѓето кои имаат економски тешкотии. Можат да се направат приспособувања во мигрантската политика.
За разлика од популизмот, социјалната демократија бележи историски пад. Работничката класа и вработените во јавниот сектор порано традиционално гласаа за левичарските партии, но сега се свртија кон екстремите. Која е причината за ваквата промена?
– Постојат економски, политички и културни причини за овој проблем. Економската причина е поврзана со фактот што, практично, придобивките од глобализацијата во голема мера се концентрираат меѓу високообразованите луѓе кои живеат во големите градови. Политичката причина се заснова на фактот што многу демократии не ги решија целосно овие проблеми. Многу од елитите изгледаат како да немаат допир со реалноста и не се свесни што мислат граѓаните. Но најважната причина е културолошката, која е поврзана со доселувањето. Во Европа, причината за голем дел од овој проблем беше мигрантската криза. Многу држави стравуваа дека ќе ја изгубат контролата врз нивниот културен идентитет поради закана од големата миграција. Европејците мора да одговорат на дел од овие основни стравови. Во сите три сфери постојат мерки што треба да се преземат за да им се помогне на луѓето кои имаат економски тешкотии. Можат да се направат приспособувања во мигрантската политика. Сепак, тука е и моралното прашање дали луѓето мора да бидат поподготвени да ја одбранат либералната демократија како најдобра форма на владеење.
Многумина тврдат дека усвојувањето на построги доселенички политики би било токму она што го сакаат десничарските популисти.
– Тоа не е причина за да не се преземат. Мислам дека она што го направи канцеларката Меркел за време на мигрантската криза, како и нејзините мотиви, беа достојни за пофалба. Со оглед на историјата на Германија, беше разбирлива либералната политика кон бегалците.
Сепак, ова исто така создаде голем, практичен проблем, затоа што низ историјата Германија не била пресретлива кон странците и постојат одредени реални граници за тоа колку се толерантни Германците. Мислам дека забавувањето на стапката беше разумен одговор дури и ако тоа го посакуваа десничарските партии.
Во моментов сме во Киев, Украина, која веројатно најдобро ја отсликува актуелната борба меѓу Русија и Западот. Дали гледате некаков излез од оваа спирала на меѓусебна ескалација?
– Повеќе би ги обвинил Русија и Путин за оваа криза отколку Западот. Повеќето западни држави беа отворени за соработка со Русија. Но токму Русите ги окупираа Крим и Донбас, па дури и го отруја нивниот поранешен агент Сергеј Скрипал на британско тло. Ако Русија не го промени нејзиното однесување, тешко ќе видиме подобрување на односите.
Русија забележа економски подобрувања откако Путин прв пат стана претседател пред 18 години, но вистинските приходи веќе со години опаѓаат. Зошто тој уште ужива голема поддршка кај рускиот народ?
– Тој се смета за легитимен лидер затоа што промовира одреден вид руски национализам. Ова започна во првата деценија од 21 век, кога тој тврдеше дека ја спасил Русија од хаосот во 1990-тите години и ерата на Елцин. Тој ја изгради руската гордост и оттогаш тој ги контролира медиумите, користи реторика со која ги обвинува странците и опозицијата од Западот за сè лошо што се случило во текот на изминатите неколку години, иако се виновни неговите политики.
Нели и Западот е делумно виновен? Сигурно ширењето на НАТО и на ЕУ ги налути обичните Руси?
– Во однос на ширењето на НАТО, никогаш нема да го дознаеме вистинскиот одговор. Многу источноевропски земји кои сакаа да влезат во НАТО би рекле дека Русија има долга историја на империјализам, па дури и тие да не влегле во НАТО, Русија сè уште би стигнала до позиција во која ќе сака да доминира кај нејзините соседни држави. Ако тоа се случи, тогаш е подобро да се биде во рамките на НАТО.
Не можете да докажете ниту едно од овие тврдења, но сакам да верувам дека овие држави имаат право на влез, но дури и да не го проширевме НАТО, Русија повторно ќе беше во иста позиција како и сега.
ЕУ е во голема криза. Таа се соочува со предизвици во однос на нејзините вредности и тоа во нејзините рамки од Виктор Орбан во Унгарија и од Полска, а исто така се бори со економските и миграциските кризи. Што треба ЕУ да преземе за да се врати на старите патеки?
– Постојат две големи причини за кризата во ЕУ. Првата беше еврото и сè уште не е решена. За да се реши, или треба да се оди назад или напред. Или ќе се оди напред кон фискална унија или ќе мора да се повлече еврото.
Сега мислам дека ниту една од овие опции не е изводлива. Другата причина е миграцијата. Луѓето не сакаат да слушаат за ова, затоа што Виктор Орбан го тврди истото, но сметам дека во овој случај тој е во право.
Не можете да имате Шенген систем ако ЕУ нема безбедни надворешни граници, а во моментов тоа не се случува. Сè уште имаме наплив на бегалци преку Грција и Италија, што создава многу тензии во двете држави. Ова, исто така, го поттикнува популизмот. Европа навистина треба да го реши овој проблем.
Каква улога треба да има Германија?
– Ако јас бев на местото на германската канцеларка, би им дал голема поддршка на Грција и на Италија за да се справат со овој проблем. Тие се обидоа да го сторат тоа со поткупување на Турција за да задржи голем дел од мигрантите во првиот бран, но постојат разни други извори на миграција, така што многу од нив доаѓаат од Африка или од други места. Не сметам дека решението за проблемот со Африка се отворени граници кон Европа. Мислам дека тоа уште повеќе ќе ја дестабилизира Европа отколку што ќе ѝ помогне на Африка.