Франција – Шпанија и Хрватска – САД се двојките за полуфиналето на тенискиот Дејвис-куп. Во четврт-финалето најнеизвесно беше на дуелот Шпанија – Германија, оти за победникот требаше да се одиграат пет дуела. САД со 4-0 ја победи Белгија, а со по 3-1 славеа Хрватска над Казахстан и Франција над Италија.
Така Франција остана во трка за одбрана на ланската титула и единствена што и минатата година и сега е во полуфиналето. Во 2017-та меѓу четирите најдобри беа Белгија (играше во финалето), Србија и Австралија, а од нив Србија и Австралија ќе играат за опстанок во Светската група. Од актуелните полуфиналисти Франција досега осум пати била шампион, Шпанија нема титула од 2011 година (има вкупно пет), САД последен пат победи во 2007 година (тоа беше рекордната 32-ра титула), а Хрватска од 2005 година (еден триумф вкупно).