Малечкото уште во првите минути од својот живот научи за соживот. На мајката веднаш на помош ѝ излегоа и ламите и говедата, вели фотографот Горан Анастасовски, кој новиот живот го забележа со својот фотоапарат
Горан Анастасовски, фотограф во „Нова Македонија“, со својот фотоапарат улови раѓање живот во Зоолошката градина во Скопје. Со уште едно јагне се зголеми зоосемејството. Интересен е моментот што малечкото уште во првите минути од својот живот научи за соживот. На мајката веднаш на помош ѝ излегоа и ламите и говедата. Сите расположени го пречекаа јагненцето.
– Обично одам многу рано. Кога во зоолошката владее комплетен мир, кога се слуша само тишина. Тогаш на животните им е најкомфорно, тогаш се најрасположени. Сите се излезени од живеалиштата, се размрдуваат, уживаат во утринската свежина. И случајно поминувајќи покрај живеалиштето на ламите, каде што во еден голем круг живеат и овци и говеда, видов дека од утробата на овцата излегува јагненце. Момент што не се пропушта. Успеав веднаш да фатам кадри од малечкото. Кое само што се роди, застана на нозе. Она што дополнително ме воодушеви е што и ламата беше како втора мајка веднаш до него. И говедата му се приближија, сите го милуваа, лижеа, заедно со мајката. Сите како да го славеа раѓањето. Без никакви ограничувања, без никакви поделби. Си помислив, ние може да учиме за соживот од овие суштества – ни изјави фотографот Горан Анастасовски.
Тој во својата архива ги има најдобрите фотографии на животните од Зоолошката градина.
Овците во Зоолошката градина во Скопје се жители од нејзиното формирање во 1926 година заедно со козите, коњите, магарињата и другите домашни животни.
– Домашните животни се чуваат во збирката на животни во зоолошката поради фактот што голем број посетители од големите градови немаат можност да видат примероци од овие видови. Овците тука живеат во големо пространо живеалиште заедно со козите, ламите (домашно животно од Јужна Америка) и зебрата (домашно животно од Индија и од Индонезија.) Моментално имаме 8 индивидуи од овците и тоа, два мажјаци – овни, три женки возрасни овци и три млади јагниња. Највозрасното јагне се роди токму утрото на Нова година, а другите две во текот на јануари. Годишно имаме по две до три млади јагниња и тоа обично во зимските месеци од декември до февруари – ни рече Јорданчо Милошевски, биологот во Зоолошката градина.
Овцата е домашно животно од редот на чапункари. Добиена е со припитомување на муфлонот пред околу 12.000 години. Се одгледува за месо, млеко, волна и приплод. Волната од овците е најшироко употребувана.
Во време на парење мажјаците меѓусебно се удираат со роговите. По бременост од пет месеци женката раѓа едно до две јагниња.