Викендот е како создаден за опуштање и уживање во мали работи, а една од нив се квалитетни филмови, кои иако служат да ви го подобрат расположението, може толку да ве импресионираат што ќе смените многу нешта во животот. Секогаш сакаме да погледнеме остварувања со силна порака, а овој пат во фокусот се наслови што ќе ве поттикнат да донесете важни одлуки, бидејќи никогаш не е доцна за дополнителна доза самодоверба.
1. „Мирољубив воин“ (Виктор Салва)
Дан Милман е талентиран млад гимнастичар, кој сонува за учество на Олимпијада. Тој на прв поглед има сѐ што ќе посака: трофеи, пријатели, брзи мотори, многу жени и диви забави. Сепак, длабоко во душата е несреќен и празен, иако не може да разбере која е причината за тоа. Неговиот живот добива пресврт откако ќе запознае таинствен странец, кого го нарекува Сократ, кој му овозможува да достигне повисоки нивоа на сила и разбирање. Додека внимателно ги учи животните лекции, Дан доживува страшна сообраќајна несреќа. На кој начин ќе ја преземе судбината во свои раце и дали ќе го оствари својот сон да настапи на Олимпијада…?
2. „Џој“ (Дејвид О. Расел)
Џој е креативно девојче со огромна фантазија, кое своето секојдневие го дели со родителите, полусестрата и бабата. Таа е најдобра ученичка и пред неа е светла иднина, но животните околности ја доведуваат во ќор-сокак. Таа и како млада жена останува да живее во истата куќа, со баба си, мајка си, со своите три деца и бившиот сопруг, кој се сместува во визбата. Работи сѐ и сешто за да го прехрани семејството, бидејќи нејзината мајка станала депресивна по разводот. Кога и татко ѝ финансиски ќе пропадне и ќе се врати, и тој се вселува во подрумот. Џој има впечаток дека го допрела дното, меѓутоа токму тогаш добива сила да ги земе конците во свои раце и да направи големи промени.
3. „И натаму Алис“ (Ричард Глацер, Веш Вестмореленд)
Алис, угледна професорка по лингвистика на Универзитетот во Колумбија, има среќен живот со сопругот и трите возрасни деца. Но еден ден открива дека има Алцхајмерова болест во почетен стадиум. Она што најмногу ја загрижува е фактот дека болеста е наследна, па веројатно и нејзините деца ќе ја имаат. Алис го користи својот телефон во него да напише прашања на кои мора да одговори секое утро. Нејзината состојба влијае на целото семејство, на одлуката на нејзината ќерка да роди бебе, но и на созревањето и сериозноста на сестра ѝ.
4. „Вистинска приказна“ (Дејвид Линч)
Ова е вистинита приказна за Алвин, стар ветеран од Втората светска војна, кој има благ облик на ментално нарушување. Откако ќе слушне дека неговиот брат, со кого не разговарал 10 години, доживеал срцев удар, решава да го посети со надеж дека ќе се смират. Меѓутоа, поради лошиот вид и здравствени проблеми со нозете тој нема возачка дозвола, па на својата 30 години стара машина за косење, спојува приколка и тргнува на долго патување низ руралната Америка, на кое сретнува многу интересни луѓе. Овој филм е модерна одисеја на човек што се соочува со сопствената смртност, животните грешки и голем број семејни проблеми.
5. „Коко пред Шанел“ (Ен Фонтејн)
Овој филм е за Габриел Коко Шанел, чиј живот почнува во сиропиталиште и која, на својот неверојатен пат, станува легендарна модна креаторка, која ќе го создаде изгледот на модерната жена. Таа е симбол на успех, слобода и стил. Родена е во внатрешноста на Франција, но набргу со сестра ѝ ја сместуваат во сиропиталиште, каде што залудно го чекаат својот татко. Пред да изгради завидна кариера, Габриел е кабаретска танчарка со слаб глас, која ги забавува пијаните војници, потоа мала шнајдерка во задната соба на една провинциска кројачка работилница, но и куртизана, која, во сета развратност наоѓа засолниште кај Етјен Балсан.
6. „Ерин Брокович“ (Стивен Содеберг)
Ерин Брокович е американска еколошка активистка, позната по тоа што, наспроти недостигот од формалноправно образование, одиграла клучна улога во историскиот судски спор против калифорниската компанија „Пацифик гас енд електроник компани“, која во 1993 година исплатила рекордна отштета поради загадувањето на водата на градот Хинкли. Овој случај послужил како заплет на филмот, насловен по хероината чиј лик го толкува Џулија Робертс.
7. „Социјална мрежа“ (Дејвид Финчер)
Студентот од Харвард и генијален компјутерски програмер Марк Цукерберг, една есенска вечер во 2003 година, на својот компјутер почнува да работи на реализацијата на нова идеја.
Наскоро она што е создадено во неговата студентска соба се претвора во глобалната мрежа Фејсбук, што е вистинска револуција во комуникацијата. Шест години подоцна и со над 500 милиони нови пријатели, Цукерберг станува најмладиот милијардер на светот, но и во историјата. Но сето ова на младиот бизнисмен му носи и приватни и законски компликации.
8. „Девојката што ја сакав“ (Сидни Полак)
Во 1937 година, веселата Кети го сретнува богатиот Хубел, но кога по осум години повторно ќе се видат, вљубеноста ќе ги однесе дури до Холивуд. Во тоа време Кети веќе е припадничка на левичарското движење, додека Хубел има намера да напише сценарио за филм. Меѓутоа, кога конгресниот одбор за антиамериканска дејност во 1947 година почнува програма за прогон на комунистите, нивната врска се распаѓа. И додека трудната Кети се бори за загрозените права, нејзиниот превртлив партнер решава да ја спаси својата кариера. И кога третпат, ќе се сретнат во 1960 година, повторно ќе ја почувствуваат старата љубовна искра, но мораат и да донесат одлука дали овој пат се навистина подготвени да бидат заедно…