Со одигрувањето на четврт-финалето на Светското првенство (СП) во кошарка во Кина се заокружи уште еден дел од квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Така, Шпанија и Франција се првите европски репрезентации што обезбедија играње на олимпискиот кошаркарски турнир во Токио и со нив сега сигурни се вкупно осум селекции. Претходно место на ЛОИ 2020 обезбеди домаќинот Јапонија, како и најдобрите репрезентации по континенти од актуелниот Мундијал, а тоа се Нигерија (Африка), Иран (Азија), Австралија (Океанија), САД и Аргентина (Северна и Јужна Америка заедно).

За преостанатите четири места Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ќе организира четири квалификациски турнири, од кои само победниците ќе обезбедат олимписка виза.

Според информациите, на тие турнири, кои се на програмата во јуни идната година, треба да играат Тунис, Бразил, Венецуела, Порторико, Доминиканска Република, Канада, Србија, Полска, Чешка, Литванија, Италија, Грција, Русија, Германија, Турција и Нов Зеланд, како и осум репрезентации со покана, по две од Европа (можеби Словенија и Хрватска, според информациите во медиумите во тие земји), Азија и Океанија заедно, Африка, како и од Северна и Јужна Америка заедно.


Денеска ќе бидат познати финалистите на СП

Аргентина или Франција (мечот почнува во 13 часот) и Шпанија или Австралија (15 ч.) ќе играат во големото финале на Светското првенство (СП) во Кина. Поразените ќе играат за бронзениот медал. Сите средби се в недела. Се чини дека сите четири селекции имаат еднакви шанси да се најдат во големото финале. Освен Франција, која забележа еден пораз од Австралија, преостанатите три селекции на ова СП одиграа по шест средби и сите ги добија. Аргентина има најголема кош-разлика, плус 104, Австралија има најефикасен напад, со вкупно 540 коша (90 во просек по меч), а Шпанија може да се пофали со најдобра одбрана, со 397 примени поени (66,1 во просек по натпревар). Аргентина е носител на по едно злато и сребро од СП, Шпанија има едно злато, Франција една бронза, а Австралија засега е без освоен медал. Г.И.