Мирослав Миленкоски, ученик во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп, повторно е прогласен за најдобриот саксофонист на државниот натпревар, кој се одржа неодамна. Тој веќе три години едноподруго е неприкосновен во свирењето саксофон во нашата земја, бидејќи континуирано ги освојува првите места на државните натпревари.
Саксофон свири веќе три години и е учесник на сите концерт на прилепското музичко училиште. Минатата година беше прв и на меѓународен натпревар на камерна музика свирејќи заедно со пијанистот Арсениј Ангелески.
– Љубовта за овој инструмент ја наследив од мојот татко, кого како мал го гледав како свири на саксофон. Настапувам на многу концерти, дома и во странство, каде што на еден меѓународен натпревар освоив прва награда во камерна музика. Драго ми е што годинава повторно сум прв и на државниот натпревар. Моја голема желба е да продолжам да свирам на овој инструмент и професионално да се занимавам со тоа – вели ученикот Мирослав Миленкоски.
Овој талентиран и амбициозен ученик на државниот натпревар свирел три композиции, доста различни и тешки, а членовите на жирито биле одушевени.
Со саксофонот Мирослав се дружи секој ден и свири сериозна, класична, џез-музика, како и многу други стилови. Ужива да свири романси и виртуозни сонати од сите музички епохи. Речиси нема период од кој не свирел композиции, а во неговиот репертоар застапена е и македонската музика.
Вели дека го обожава саксофонот затоа што според него е универзален инструмент на кој можат да се свират сите стилови музика. По неколку часа дневно вежба велат неговите наставници Борис и Христина, а Христина му е корепетиторка. За неговата дарба пофалба доби и од рускиот саксофонист Владимир Устјанцев.
Инаку, Мирослав учи во ОУ „Климент Охридски“, каде што исто така е одличен и одговорен ученик.