Со измените на законите што се предложени до Собранието на Црна Гора се предвидува задолжително учество на војниците во меѓународните сили во странство, а во случај војникот да одбие ќе добие отказ од војската на ЦГ. Ова се однесува и за учеството во НАТО-мисиите. Досега испраќањето во странски воени мисии за припадниците на црногорската војска беше доброволно.
Пратениците на опозицискиот Демократски фронт во расправата во парламентот оценија дека црногорските војници ќе бидат топовско месо, додека од владејачката Демократска партија на социјалистите одговорија дека со ваквиот став опозицијата е против постоење на црногорска војска.
Пратеникот на ДФ Небојша Медојевиќ вели дека Црна Гора не станала членка на Алијансата со волјата на граѓаните туку тоа е желба на политичката елита во земјата. Пратеникот на ДПС Предраг Секулиќ смета дека присуството на НАТО во регионот не треба да се прима со негативен предзнак.
Со измените на Законот за воена служба се предвидува на професионалниот војник да престане работниот однос во војската на ЦГ, ако не ја прифати должноста на која е поставен, ако одбие учество во меѓународни сили во странство и доколку не ја заврши обуката за самостојно вршење на должноста на своето формациско место.