Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО, а за неколку месеци ќе почне процесот на ратификување на протоколите, изјави вчера вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која информира дека вчера на владината седница бил усвоен Стратегискиот одбранбен преглед.
Министерката Шекеринска напомена дека на церемонија во Брисел на самитот што е закажан за 11 и 12 јули, на земјата ќе ѝ биде врачена поканата за членство и оти конечно Македонија ќе стане дел од најмоќната воена Алијанса во светот.
Шекеринска напомена дека Македонија од 2004 година немала стратегиски одбранбен преглед и оти конечно, како што и пред една година оваа влада најави, овој важен документ во сферата на одбраната е донесен.
– Успеавме да го завршиме во рок од една година овој амбициозен документ што е клучен и со кој се дефинира одбраната и нејзиниот развој, се дефинира агендата во сферата на одбраната – објасни Шекеринска и додаде дека Македонија ќе добие одбрана во согласност со стандардите на НАТО, која ќе дава придонес за безбедноста на државата, но и на целиот регион.
Новиот Стратегиски одбранбен преглед е усогласен со новите предизвици на глобално ниво и во неговата изработка биле извршени консултации со сите релевантни институции што се надлежни во оваа сфера, меѓу кои и претседателот на државата. За одредени делови од Стратегискиот одбранбен преглед, како што рече Шекеринска, одлуките биле носени консензуално со кабинетот на претседателот.
Со овој документ, рече Шекеринска, Македонија ќе добие модерна и флексибилна армија, која ќе ја гарантира безбедноста што континуирано ќе биде модернизирана и ќе јакнат нејзините оперативни способности. Предвидена е промена на структурата на АРМ, како и реорганизација на Министерството за одбрана со фокус на тоа да се обезбеди подобро менаџирање.