Со ликовна изложба на уметницата Александра Димитрова од Кочани, која на 20 август во 20 часот ќе биде отворена во Галеријата при кавадаречкиот дом на културата „Иван Мазов Климе“, свечено ќе биде отворено најновото издание на ликовната колонија „Кавадарци – Михајлово“. И годинава оваа реномирана ликовна колонија, која навлегува во третата деценија од своето постоење, ќе собере познати сликарски имиња од повеќе земји: Велика Британија, Русија, Романија, Турција, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Македонија.
Колонијата успешно ја организира Домот на културата со поддршка на општината Кавадарци и Министерството за култура како и на повеќе општествено одговорни компании од градот. Таа ќе биде отворена истата вечер во хотелот „Уни палас 2“ со настап на музичкото трио „Вики, Деки и Маша“, а годинава е посветена на ликовниот уметник Ристе Соколов-Сокол, еден од нејзините основачи.
Традиционално, белег на кавадаречката колонија освен нејзиниот меѓународен карактер и големиот број учесници секако се многубројните ликовни изложби, кои ќе бидат отворени за време на нејзиното одржување. Втората изложба ќе биде отворена на 22 август во 20 часот во Музеј-галеријата – Кавадарци каде што ќе бидат изложени дела на ликовниот уметник Луан Зенки од Гостивар. За 24 август напладне е предвидено на градскиот плоштад да се одржи ликовен перформанс на ликовниот уметник од Турција, Орхан Цебраилоглу, а два дена подоцна, на денот на затворањето на колонијата, ќе се одржи изложба на создадените дела. Ми.М.