Унгарскиот премиер е познат по своите цврсти антиимиграциски политики
Лидерите на унгарските опозициски партии поднесоа оставки по објавувањето на првите резултати од парламентарните избори, на кои убедлива победа оствари партијата на актуелниот премиер Виктор Орбан. Според унгарски медиуми, прв поднел оставка претседателот на Јобик, Габор Вона, а потоа тоа го сториле и колидерот на партијата ЛМП, Акос Хадази, кој посочил дека сепак нема да го врати пратеничкиот мандат, како и претседателството на Социјалистичката партија. Унгарскиот премиер Орбан прогласи победа откако прелиминарните резултати од парламентарните резултати покажаа дека избирачите му дале доверба за трет последователен мандат, и четврти од 1998 година.
Коалицијата на Фидес и помалиот партнер христијански демократи, убедливо победија на изборите и освоија двотретинско мнозинство, односно 133 од 199 места во парламентот, јавија локални медиуми. – Обезбедивме историска победа и создаваме можност да ја заштитиме Унгарија. Сакаме да нагласиме што го мачи овој континент. Не сме против Европа и ЕУ. Сакаме Европа и ЕУ да бидат цврсти и успешно, но претходно мораме да бидеме искрени за тоа што ни штети – изјави Орбан. Врз основа на мнозинство преброени гласови, коалицијата предводена од Фидес освоила 48,8 отсто гласови или 133 мандати, јави унгарската државна телевизија. Партијата Јобик, според првичните резултати, освоила околу 20 отсто гласови или 26 места во парламентот. На трето место е Социјалистичката партија, која на изборите излезе во коалиција со партијата Дијалог за Унгарија, и која обезбеди 12,2 отсто од гласовите или 20 пратенички мандати. По нив се Демократската коалиција и ЛМП со девет, односно со осум мандати во парламентот.