Затворен е „Вебстресер“, најголемиот светски интернет-сервис на кој корисниците може да нарачаат и да најмат услуга за ДДоС (прекинување интернет-врска на некој корисник)
Хрватската сајбер-полиција во соработка со полициските служби од повеќе земји во светот го откри и уапси човекот што раководеше со најголемиот илегален интернет-сервис за ДДоС сајбер-напади. Со порталот „Вебстресер“ (webstresser.org) раководел 19-годишен хрватски државјанин, против кого е поднесена кривична пријава за тешко кривично дело против компјутерски системи, програми и податоци и може да се соочи со казна затвор од една до осум години.
Хрватската полиција и понатаму не го открива неговиот идентитет, а она што се знае е дека момчето е уапсено на подрачјето на загрепската полициска управа, која има ингеренции на териториите на хрватскиот главен град и Загрепската жупанија. Според неслужбени извори, момчето живее во Запрешиќ, во непосредна близина на Загреб. Во рамките на акцијата се уапсени и двајца граѓани на Србија, кои се смета дека биле администратори на оваа страна.
Детали за младиот хрватски сајбер-криминалец нема ни од Европол, кој ја поддржа акцијата во која учествуваа полициските служби на повеќе земји. Тоа што е познато и го откри Европската полиција е дека администраторите на сервисот на кој можело да се најми напад, освен во Хрватска, се наоѓале и во Србија, Велика Британија и во Канада.
„Вебстресер“ беше најголемиот светски интернет-сервис на кој корисниците може да нарачаат и да најмат услуга за ДДоС, односно прекинување интернет-врска на некој корисник. Преку оваа страница се извршувале напади низ целиот свет. На страницата биле регистрирани повеќе од 136.000 корисници, а се проценува дека администраторите на сервисот извршиле околу 4 милиони сајбер-напади до април 2018 година. „Вебстресер“ претставуваше најголема закана за интернет-услугите што ги нудеа банките, државниот сектор и државните институции низ целиот свет.
Изминатите години, за да се изврши напад од ваков тип или ДДоС беше потребно напаѓачот или хакерот да биде доста добро упатен во интернет-технологијата, што сега веќе не е случај. Со криминалниот сервис „Вебстресер“, секој регистриран корисник со малку или речиси никакво знаење на технологијата можеше за одредена сума, користејќи ги системите за плаќање по Интернет или со криптовалути, да нападне некој интернет-портал или сервис.
Сумите за вакви напади се движеле од само 15 евра месечно од 999 американски долари за таканаречениот ВИП-пакет, кој им овозможувал на поединци што немаат техничко познавање да започнат ДДоС-напад, односно да „изнајмат“ криминален сервис со чија помош би нападнале, би симнале од Интернет или би му нанеле штета на некој интернет-сајт или услуга, поради различни причини.
Со проблеми од ваков тип и ДДоС-напади се соочија и повеќе холандски банки на почетокот на февруари оваа година, кога ги нападнаа руски хакери. Корисниците на банките, поради нападите, не можеа да користат никакви онлајн-услуги повеќе од неколку дена. Според некои информации, овие напади ги чинеле банките во Холандија десетици милиони евра.
Истрагата за меѓународната криминална група што го водела „Вебстресер“ е започната во октомври 2017 година, од страна на холандската национална криминалистичка единица за високотехнолошки криминал, на основа на оперативни информации добиени од страна на НЦА од Велика Британија.
Штабот за команда и координација на дводневната акција бил поставен во седиштето на Европол, а акцијата започнала во Србија. По првичното дејствување на полицијата, акции се спроведени на повеќе локации низ светот и се уапсени и други администратори и членови на овој криминален сервис, додека серверите преку кои ги спроведувале криминалните напади се преземени од страна на полицијата. „Вебстресер“ сега е контролиран од управните органи на Германија, САД и од Холандија. На самиот веб-сајт е поставена и таканаречена „Стоп-страница“, на која стојат грбовите на сите служби што учествувале во акцијата. Меѓународната полициска соработка била клучна за резултатите и успехот на акцијата, која е спроведена под името „Мануфактура“.
Освен хрватската полиција, во оперативната акција учествувале и Европол, националните служби на Холандија, Велика Британија, Канада, Србија, Шпанија, Италија и Хонгконг, кои успеале да ги пронајдат и уапсат помагачите и корисниците на ДДоС-нападите.