Пионерите и кадетите на Металург од генерациите 2004/2005 и 2002/2003 ќе бидат дел од четвртиот меѓународен ракометен турнир „Повеќе од игра“, кој ќе се одржи во Сараево, Босна и Херцеговина, од денеска, па во следните три дена.
Во двете старосни генерации на турнирот ќе учествуваат 12 клуба, со 16 екипи од шест различни држави, и тоа: Сегед (Унгарија), Металург (Македонија), Црвена звезда (Србија), Замет (Хрватска), Добова (Словенија), ДОЛ Тки (Словенија), Борац (БиХ), Криваја (БиХ), Челик Јуниор (БиХ), Извиѓач (БиХ), Балиќ и Метличиќ (Хрватска) и Селекција на кантон Сараево (БиХ).
Екипите ќе бидат поделени во четири групи, односно по две групи со по четири екипи во секоја категорија. Екипата на Замет ја има улогата на бранител на титулата. Противници на пионерите на Металург во групата А ќе бидат нивните врсници од Замет, Извиѓач и Селекција на градот Сараево, додека, пак, кадетите на Металург за ривали во групата Б ги имаат Борац, Челик и Добова.