Чистата вода на Бабуна е идеална за одгледување пастрмка Фото: Горан Анастасовски

#РаскажиНиЗаМакедонија

Нежилово

На дното на длабоката долина, меѓу три реки, Бабуна, Камештица и Чеплеска Река, на надморска височина од 680 метри е стационирано селото Нежилово. Сместено е меѓу шумски и планински предели. Опкружено е и заштитено со острите врвови на Јакупица, или уште позната како Мокра Планина

Во судир со бугарската полиција и пробугарските контрачетници во атарот на селото Нежилово загина Невена Георгиева-Дуња. Еден декемвриски ден, бугарите имале потера. И дури партизаните се криеле и бегале низ Јакупица, Невена веќе изнемоштена се откажала и рекла да продолжат без неа. Бугарите овде ја убиле, на карпите на Јакупица. Но главата ѝ ја отсекле и ја однеле во селото. Баба ми кога ја видела почнала да плаче, не можела да се помири. Неколку дена пред да ја убијат, Дуња била кај баба ми. Се зближиле. Ова било голем шок за неа.

Подоцна и училиштето во Нежилово е именувано по неа. Се слави и почитува нејзиното херојство, раскажува Трајче Димовски, кој во нејзина чест поставил спомен-плоча на влезот и од рибникот „Нежилово“, сместен на реката Бабуна, во селото Нежилово. Георгиева станала борец на Скопскиот партизански одред при неговото формирање на 22 август 1941 година. Во септември 1942 година била дел од велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета на 6 декември 1942 година во велешко Нежилово. Откако тешко ја раниле, ѝ ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот народ. Во Нежилово и ден-денес се чествува нејзиното јунаштво. Се спомнува нејзиното име. Се раскажуваат нејзините подвизи и болната смрт. МИРЕН ЖИВОТ На дното на длабоката долина, меѓу три реки, Бабуна, Камештица и Чеплеска река, на надморска височина од 680 метри е стационирано Нежилово, село во општината Чашка.

Пристапност
54 километри од Велес
45 километри од Чашка води релативно добар асфалтен пат

Опкружено е и заштитено со острите врвови на Јакупица, или уште позната како Мокра Планина (името се објаснува со изобилството од вода односно големиот број извори, водопади, потоци, реки и водотеци распространети по целата планина.) Сместено е меѓу шумски и планински предели. Атарот на селото го чинат шуми, пасишта и мал дел обработливо земјиште. Овде струи планински воздух. Во некои документи се спомнува дека било населено во 1460 година, но кон крајот на 17 век, за време на Карпошовото востание било иселено. Па во 1750 година се обновило. Името го добило по една девојка по име Нежна, која била меѓу првите што се вселиле овде, ни кажаа жителите. Шумот на водата беше забележан само што влеговме во селото. Селските чешми течеа со буица вода.

Чиста, планинска, изворска. Нежилово е село од збиен тип. Куќите се нанижани како пиперки, една до една. Споени сите низ една низа – улица, со неколку кратки сокаци. Фасадите полураспаднати веднаш ни ја раскажаа тажната судбина на селото. А само што почнавме да ѕиркаме во дворовите и да бараме некој да ни зборне нешто за селото, како поканет се појави Стојан Петрушевски. И полн со ентузијазам почна да ни раскажува за селото, за добрите и за помалку добрите времиња. Стојан Петрушевски е роден во Нежилово 1942 година и ги памети убавите времиња на селото. Кога било во цут. Со околу 400 жители, полни седумдесетина куќи, со над 70 ученици. Кога секоја куќа чувала стока. Имало околу 10.000 овци, 6.000 кози, се чувале свињи, кокошки, крави. Се живеело убаво.

Факти
Областа Азот е плодна за планински и рурален туризам Невена Георгиева-Дуња загинала во близината на селото
На 777 метри надморска височина над Нежилово се гради црквата „Света Петка“

– Сега селото се видоизмени. Едвај живее. Куќите се празни. Околу 40 нежиловци останаа. На лето ќе се зголеми бројот. Но не многу. Сите се преориентираа кон градски живот. Па и моите деца. Од фамилија што има 50 члена, само јас останав. И ќе останам докрај. Убаво ми е овде и овде припаѓам. Мирен живот водиме. Си помагаме. Леб ни носат од Богомила. Оти немаме продавница. Нарачуваме да ни донесат што ни фали. А и мал пазар имаме. Еднаш неделно со комбе ќе ни донесат зеленчук, овошје, намирници, на кој што му фали си купува. Штом ќе излезат печурките лисичарки, шетам низ планината, берам, па нешто и ќе продадам. Си барам занимација – ни раскажа Стојан, кој вели дека осум убави лета поминал овде.

Стојан Петрушевски е роден во Нежилово и ги памти убавите времиња на селото
Фото: Горан Анастасовски

БАБУНА ИДЕАЛНА ЗА РИБА

Ни покажа во која куќа се држело настава. Кој каде живеел. Која била главната селска куќа. Нѐ прошета до водопадот на реката Камештица, кој се лизга на неколку метри од селото, меѓу селаните познат како Бучалото. Ни кажа дека извира од местото познато како Јавор, а се влева во Бабуна. Сретнавме и уште неколку жители, кои со мерак нѐ пречекаа. Ни кажаа дека компир одгледуваат, по малку пченка и домат. Сточарството не вирее веќе. Порано се печело вар. Има неколку објекти за преработка на варовник по течението на Бабуна што сведочат за тоа време. Го сретнавме и Слободан Димовски, кој изградил викендичка веднаш до Бабуна, на местото каде што Камештица се влева во Бабуна. Веднаш до неговиот двор полн со разновидни цвеќиња се надоврзува и стара распадната воденица, со своите остатоци и воденични камења. – Голем дел од годината поминувам овде. Едвај чекам да дојдам и да се насладувам со убавината. Уживам дури се грижам за дворот. Си садам цвеќиња, се грижам за тревникот, имам овошки, одгледувам аронија, лешници. Го обожавам времето поминато овде – вели Слободан. Реките во Азот го одржуваат рибарството во живот. Неколку рибници по течението на Бабуна ги нагостуваат љубителите на добра пастрмка.

– Чистата вода на Бабуна е идеална за одгледување калифорниска пастрмка. Па уште во 1991 година почнав да одгледувам риба, постепено да го градам рибникот. Имав финансиски кризи. Направив и пауза од неколку години. А во меѓу време научив многу работи за начинот на одгледување риба и сега со полна пареа работам. Постојано имам риба, има пласман. Но како и се во државава, бизнисот стагнира. Инаку пастрмката бара пивка вода, со непроменлив квалитет, со константна температура, за да не се доведе рибата во стресна состојба. Бабуна ги исполнува сите услови – вели Трајче Димовски, кој секој ден од Велес патува до Нежилово, и успева преку својот рибник да привлече многу туристи во овој крај, и да го заживее името Нежилово. – Иако многумина беа скептици дека ќе го оживеам крајот, бев упорен и успеав во мојата замисла. Решив да им понудам на луѓето катче за уживање, да има каде да одморат, да каснат. Да се нагостат со природа пред сѐ, а и со вкусна храна. Нема секој ден гости, на штом ќе запролети за викенди е полно. Амбиентот е убав и кој ќе чуе за Нежилово, сака да го посети – вели Трајче. Во дворот на рибникот ја чува и срната Пацка, која е припитомена и пријателски настроена. Затоа што природата ѝ налага претпазливост, прво добро ќе те издушка, па потоа ќе се опушти. Вистински украс е на рибникот.

ПРЕКРАСНИ ПРИРОДНИ ПЕЈЗАЖИ

На неколку метри од селото, на една височинка, на 777 метри надморска височина се гради црквата „Света Петка“, од каде што се простира фасцинантна панорама кон Нежилово, кон масивот на Јакупица и пределот познат како Сватови. Во околината се селата Богомила на југ и Горно Јаболчиште на север. Како и Папрадиште, Капиново и Црешнево. Сите се поврзани со лесни пешачки патеки. Областа Азот е плодна за планински и рурален туризам. Особено се интересни огромните карпести отсеци на Јакупица северно од селото, наречени Нежиловски Карпи. Тие се високи повеќе стотици метри и изгледаат навистина импресивно. На некои места, по страните на карпите се формирани големи сипари, а впечатлива е и појавата на еден т.н. „карпест глечер“.

– За планинарите и вљубениците во природата, од селото почнуваат повеќе планинарско-рекреативни патеки кон планинарскиот дом Чеплес (1.452 м), изворот на Бабуна и кон највисоките делови на Јакупица. Прекрасните пејзажи, чистиот и свеж воздух, густите шуми, кристално бистрите рекички и потоци нудат неповторливо доживување – велат од општина Чашка.

РУРАЛЕН ТУРИЗАМ

Горан Стојановски, градоначалник на општината Чашка, периодов беше на работна посета на Алзас, Франција. По покана од Жак Шлеф, претседател на асоцијацијата „Алзас Македонија“ имаше можност да ги види најдобрите практики и искуства на Алзас за развој на руралниот туризам.

– Европските стандарди во заштитата на архитектурата, животната средина и системскиот пристап во развојот на туризмот се само дел од многубројните искуства на терен во регионот Алзас еден од европските лидери на планот на туризмот. Вајтерсвилер, Олунген, Агно се дел од местата што досега ги посетивме. Се сретнавме со некои од жителите, кои своите традиционални куќи ги ставиле во функција на туризмот. Станува збор за таканаречени житови, кои всушност се етно-куќи и ја задржуваат автентичноста однадвор, а внатре се совршено уредени. Идејата ни е и кај нас да направиме вакви автентични куќи и да привлечеме туристи. Имаме предуслови за алтернативен туризам, односно рурален, планински, велосипедски туризам, па во иднина ќе се посветиме на привлекување туристи – вели градоначалникот Горан Стојановски.