Тринаесеттата завршна изложба на ликовното студио „Арс вивенди“ се одржа неодамна во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Во убавиот простор на галеријата беа претставени делата на младите таленти, кои и овој пат изработија одлични ликовни творби, под менторство на м-р Тони Шулајковски. На членовите на студиото им беа доделени и дипломите за успешно завршување на школата.
– Секоја година нѐ има сѐ повеќе и повеќе и како и досега, најпрво ќе им се заблагодарам на родителите што го препознаа талентот на своите деца и што ми укажаа доверба да ги насочам во вистински правец. Работевме и со деца што се подготвуваа за приемен испит за запишување во Средното уметничко училиште, на кои им посакувам да им се оствари оваа желба и да напредуваат – рече менторот Шулајковски.
Тој со гордост додаде дека две ученички од студиото постигнале завидни резултати:
– Јустина Чорни (14) беше селектирана во Светската галерија за цртеж на „Остен“, како најмлад учесник на таа изложба, што е голем успех, бидејќи е избрана од меѓународно жири.
Евгенија Тодоровска (15) учествуваше на интернационален интернет-фестивал во Илиноис, САД и освои второ место. На овој натпревар учествуваа средношколци од целиот свет – посочи менторот Шулајковски.
Тој дополни дека годинава школата ја посетувале најмногу деца досега, кои изработиле одлични цртежи, во што можеа да се уверат и многубројните посетители.
– Нашиот успех зависи од децата, од нивната дарба и интерес, а годинава имавме навистина големи таленти. И овој пат се потрудив целото искуство од претходните години им го пренесам на моите ученици, со кои годинава беше вистинско задоволство да се работи – посочи тој.
Годинава на изложбата не учествуваа членките на студиото за креативно пишување на „Арс вивенди“, кои ќе се претстават вечерва во книжарницата „Литература“ на улицата Македонија во Скопје, со почеток во 19 часот. Ќе бидат промовирани книгите: „Месечино диши“ на Анастасија Мукаетова, „24/7“ на Лана Младеновиќ и „Мисли молкома“ на Софија Бислимоски. Промоторка ќе биде професорката Весна Мојсова Чепишевска.
Настанот со звуците на својата гитара ќе го збогати Андреј Јандријески.