Руската армија успешно го тестираше најновиот суперсоничен нуклеарен систем „авангард“. Американските воени експерти предупредуваат дека САД не можат да се одбранат од напад со овој нуклеарен проектил
Годишното обраќање на рускиот претседател Владимир Путин на 1 март 2018 година е негов најцитиран говор, по говорот во Минхен во 2007 година. Путин го предупреди НАТО откако претстави неколку суперсонични нуклеарни оружја – ракетниот систем „кинжал“, интерконтиненталната ракета „сармат“ и проектилот „авангард“. Говорот од 1 март беше пречекан со познатите критики: Кремљ блефира, сигнализирајќи дека поседува способности што ги нема за да го принуди НАТО на преговарачка маса под услови поволни за Русија. Но развојот на настаните од изминатиот период прикажа сосема различна вистина – овие оружја се реални и претставуваат различни нивоа на стратегиски закани. Последната потврда на напредокот во развојот на руски суперсонични оружја пристигна пред неколку дена, кога Путин објави дека системот „авангард“ беше успешно тестиран, наведува „Нејшнл интерес“.
– По мои инструкции, индустриските претпријатија и Министерството за одбрана подготвија и спроведоа финално тестирање на овој систем. Тестот беше целосно успешен, сите технички параметри беа потврдени – порача Путин.
Тој додаде дека „авангард“ наскоро ќе биде подготвен и за распоредување.
– Почнувајќи од наредната година, новиот интерконтинентален стратегиски систем „авангард“ ќе влезе во употреба во руската армија и ќе биде распоредена првата регимента од стратегиските ракетни сили – додаде рускиот претседател.
„Авангард“, исто така познат и како „објект 4202“, е суперсоничен лизгачки ракетен систем, составен од балистички проектили со висок перформанс и беспилотно лизгачко возило, за значително подобрување во маневрирањето и одржување на најголемата брзина. Оваа технологија им овозможува на проектилите „авангард“ да развијат брзина од 20 маха, или околу 24.7000 километри на час, брзина што е овозможена со употребата на нови композитни материјали за да остане во стабилни рамки од 1.600 до 2.000 Целзиусови степени.
Според Путин, поради ваквиот дизајн, невозможно е да се пресретне проектилот.
– „Авангард“ не е ранлив на ниту еден постоен или иден одбранбен ракетен систем на потенцијалните непријатели. Тоа се должи на неговата екстремна агилност овозможена од лизгачот, обезбедувајќи латерални и вертикални избегнувачки маневри со илјадници километри – истакна шефот на руската држава.
Како што стојат работите засега, американските воени експерти имаат мрачна оцена за капацитетот на САД за пресретнување таков проектил.
– Немаме никаква одбрана што би ја спречила употребата на такво оружје против нас – изјави генералот Џон Хајтен, командант на Американската стратегиска команда.
Според „Нејшнл интерест“, за оружје со толку разурнувачки потенцијални капацитети како системот „авангард“, дури и релативно оптимистичката процена за стапка на пресретнување од 50 отсто, би претставувала неприфатлив ризик.
Најавеното распоредување за 2019 година ќе ја стави Русија во предност пред Кина и САД во трката за хиперсонични нуклеарни оружја. Кинескиот суперсоничен лизгач „дф-зг“, кој е аналоген на „авангард“, сѐ уште се тестира и е на добар пат да биде претставен во 2020 година. Многу помалку се знае за конкретните американски планови за производство, а некои експерти сугерираат дека истражувањата на САД се поттикнати од други цели во истражувањето ненуклеарни хиперсонични лизгачки системи.
Рускиот фокус на напредни нуклеарни хиперсонични оружја, со можност за прв напад како „авангард“, рефлектира посебен вид стратегиско размислување – истражување, развој и производство на неколку непресретливи нуклеарни боеви глави што можат да бидат поисплатливи на долг рок, наместо обид да се достигне комбинираниот арсенал на конвенционални стратегиски оружја на НАТО.