Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран го сменил своето однесување како резултат на неговите санкции и повлекувањето на САД од нуклеарниот договор.
– Техеран сега ги почитува САД и пати од недостиг од леб. Иран е држава што сега, поради сите санкции и други нешта, е многу поинаква земја отколку што беше кога јас дојдов во Белата куќа. Кога дојдов тука тие беа насекаде, предизвикувајќи терор, предизвикувајќи проблеми – истакна Трамп.
Според него, Иран има голема инфлација, а иранските пари се безвредни.
– Би сакал да им помогнам со решавањето на тие проблеми – додаде шефот на Белата куќа.
Светските медиуми потсетуваат дека администрацијата на Трамп спроведува политика на максимален притисок врз Техеран во изминатата година. Пентагон испрати воени бродови во Персискиот Залив, а американската влада продолжи да воведува дополнителни санкции.