Нејзините траги се добар индикатор за ловџиите, оти таа често користи исти патеки на движење, а ако се работи за хранење, се случува одредени локации да ги користи сезонски и во краток временски период

Ловот на диви свињи подразбира добро познавање на овој дивеч. Бидејќи дивата свиња на Балканот најчесто се лови со чекање, од голема корист е да се знае како изгледаат нејзините траги. На тој начин ловџијата ќе може да утврди каде се движи таа и се задржува на теренот.
Дивата свиња има обичај да се движи по исти патеки, да доаѓа на исти места, да се храни неколку дена во низа. Иако таа остава многу различни траги, за ловџиите, сепак, најинтересни се трагите од нејзините нозе. Тие траги се добар показател, оти таа често користи исти патеки на движење, а ако се работи за хранење, се случува одредени локации да ги користи сезонски и во краток временски период.

Во земјоделските култури можат да се пронајдат траги на присуство на диви свињи и врз база на тоа да се извлечат одредени заклучоци. На пример, во пченката тоа јасно е забележливо, а може да се види и дали дивите свињи тука само поминуваат или се во близина. Ако се во минување, штетата што ја направиле е таква што стеблата на пченките рамномерно се сушат, а кога се само во близина, тогаш можат да се видат и искршени стебла.

Дивата свиња е копитар, како и еленот, па затоа и нивните траги се мошне слични. Меѓутоа како животни многу се разликуваат по изгледот, трагите… Така, кај еленот трагите помеѓу себе се оддалечени околу 70 см, додека кај дивите свињи околу 40 см. Дивата свиња на снег или на мек терен остава траги, по што јасно се распознаваат нејзините копита.

Бидејќи најчесто се задржува во близина на вода, дивата свиња во калта секогаш остава длабока и јасна трага. И за нивната бројност може многу да се дознае од нивните траги. Тие секогаш се во група, освен старите вепри, така што веројатноста дека ќе се најдат голем број нивни траги на помал простор е голема. Истото ова се однесува и кога е во прашање земја каде што дивите свињи барале храна, оти тие во тој случај може да изринат поголема површина.

Дивите свињи излегуваат приквечер и взора, а можат многу успешно да се ловат и ноќе, кога има јасна месечина, оти тогаш се и поактивни. Ловот на диви свињи може да биде многу успешен и во раните утрински часови, кога таа се враќа во шумските и ридските комплекси. Сите овие наброени информации се корисни при ловот на дивите свињи, но за правилно толкување на она што се гледа на теренот, сепак, е неопходно ловџијата претходно да стекне одредено искуство при ловот.

 


Користење течни и прашести состојки при риболов

Tечни состојки за есенски третман на мамките се разните екстракти од рибино и друго животинско потекло, аминопрепарати, концентрати, течен бетаин, меласа и други видови масла

Постои широка палета производи при користењето течни и прашести состојки, кои служат како мамки при риболовот, но најзначајно е рибарот секогаш да се труди да користи што поквалитетни и посвежи состојки. Понатаму, тој треба да посвети внимание на составoт на храната, а особено на течните препарати што сака да ги користи при риболовот.
Соодветни течни состојки за есенски третман на мамките се разни видови екстракти од рибино и друго животинско потекло, потоа разни аминопрепарати, концентрати, течен бетаин, меласа и други видови масла.
Слична е ситуацијата и кај прашестите состојки, со тоа што можат да се користат и разни видови рибини брашна, но, сепак, екстрактите и концентратите се најдобри за оваа примена.
Прашестите апетит-стимулатори што се на природна база, како што се зачините или морските плодови, исто така, се одличен избор за риболов. Мамките е потребно прво да се прелеат со течни состојки, да се затресат и да остават така дваесетина минути, за мамката да ги впие. Потоа истите мамки повторно треба да се затресат и врз нив да се стават одбраните прашести состојки.