Тошо Маја афирмацијата во светот на спортот ја доживеа прво како скијач, за истовремено да стане алпинист, а својот авантуристички дух потоа го потврди и како мотоциклист. Тој на скијачките терени во Македонија во 1960-тите години беше првиот од помладата гарда што почна да им пркоси и да ги победува дотогашните шампиони. Во алпинизмот најголемите потфати ги имаше со искачувањето на Мон Блан, Аконкагва и на Килиманџаро, а со мотор помина по патот на Александар Македонски и стигна до Александрија
Крушево даде многу македонски прваци во скијачкиот спорт. Меѓутоа, еден од нив е посебен. Тоа е Тошо Маја, кој со својот немирен дух, трагајќи по спортската возбуда, не само што стана скијачки првак туку стана и врвен алпинист и мотоциклист.
Инаку, како и другите млади крушевчани, Маја прво зачекори на белите патеки. Тоа за младите од градот на највисока надморска височина во Македонија, опкружен со прекрасните планини, беше и вообичаено. Кога во зимскиот период со првиот снег ќе побелеа патеките на популарната Корија, децата се искачуваа на патеката наречена „На ридот“ и со скиите, најчесто импровизирани и изделкани од рацете на родителите или дограмаџиите, ги покажуваа скијачките вештини.
Тие беа вистински виртуози, а секоја игра на снегот за нив беше и натпревар. Затоа, не беше ни чудно што од градот под Коријата излегоа многу победници на трките организирани на Пелистер, Осогово, Маврово, Попова Шапка, а имаа високи пласмани и на натпреварите на планините надвор од Македонија – Копаоник, Крањска Гора, Бјелашница и Јахорина, кои во 1984 година станаа и олимписки патеки.
Во еден таков амбиент растеше и созреваше подоцнежниот повеќекратен шампион на Македонија и еден од најдобрите алпски скијачи во поранешната држава. Интересно е дека во конкуренцијата во која доминантни беа Словенците и ретко кој можеше да им се доближи, Маја успеваше често да им ги расипе сметките и да се пробие на челните позиции. Тој беше најекспонираниот скијач на Мечкин Камен, клуб со најстара и најдолга традиција во Македонија, формиран во 1932 година.
ОД ПРИУЧЕНИ ДО ЕДУЦИРАНИ ТРЕНЕРИ
Во периодот кога Маја ги изучуваше првите скијачки вештини, во Македонија немаше едуцирани тренери за овој спорт. Повеќето беа приучени но чесни, кои децата ги воспитуваа да бидат дисциплинирани, храбри и пред сѐ да бидат добри ученици.
– Со појавата на првиот едуциран стручњак, легендарниот професор по скијање Андон Симовски-Аки, почна и обуката на тренерите. Тоа беше многу битно, зашто без квалитетни тренери, нема напредок. Јас имав среќа во моментите кога почнав да тренирам уште како пионер, да ги гледам прославените асови на македонското скијање Рефик Јахја, Сашо Панов, Гого Поповски и Ставре Оџаклиевски. Од нив многу научив, а особено бев импресиониран од Сашо Панов, кој во тоа време беше во еден камп во Швајцарија и кога се врати ни ги пренесе тамошните искуства. Тогаш и јас направив некои корекции во моето скијање, кои подоцна се покажаа како ефикасни. Интересно е да кажам дека во првите трки во 1961 година, кога имав 11 години, постојано паѓав и останував без пласмани. Од желба да сторам нешто повеќе, ризикував и не стигнував до целта. Но тоа не ме обескуражи. Напротив, сите тие незгоди повеќе ме мотивираа да „загризам“ и да им покажам на сите колку вредам. Така, веќе следната година, откако го добив потребното искуство и по некои корекции што ги направив во начинот на скијањето, не само што ги извозував трките туку и победував – вели Тошо Маја.
ОД МЕРАК, СО СКИИТЕ ВО КРЕВЕТ
Тренерите препознаа во Тошо Маја голем талент со неисцрпен потенцијал. Тој до првите титули во спуст и во велеслалом во пионерска конкуренција дојде во 1962 година, за веќе следната година да триумфира и во младинска и во сениорска конкуренција. Од таа 1964 година Маја беше неприкосновениот господар на скијачките патеки во Македонија.
– Бидејќи станав најуспешен скијач во клубот, кон мене се гледаше со посебно внимание и респект. Јас секогаш имав приоритет и кога ќе беа набавени нови скии, првите секогаш беа за мене. Јас, пак, од пусти мерак не се делев од нив, дури и со нив спиев. Бев пресреќен, радосен и не дозволував никој да се доближи до нив. Самиот ги подготвував за трка, ги мачкав со потребните масти и парафини, само да лизгаат што побрзо по патеката. Сега, кога ќе се сетам на тоа време, ме обзема страв, дури и во сон се будам и не можам да поверувам со каква смелост сум се пуштал по стрмните патеки. Спустот ми беше најомилената, иако најопасна, дисциплина. Бев храбар и не размислував многу кога ќе „летнев“ по стрмнините на Јахорина, Крањска Гора, Сљеме, Копаоник, Попова Шапка или Маврово. Се разбира, често одев и во алпските земји, каде што имаше убави, но и опасни патеки. Таму бев импресиониран од нивната техничка опременост. Имаше безброј жичници, ски-лифтови, кабини за 20 и повеќе луѓе, што не беше случај со нашите центри – вели тој.
Тошо Маја ни откри и една тајна. Имено, за него најнапорна била патеката на Маврово, што се протега под првата жичница, а на која се одржаа по едно првенство на Југославија, Балканијада и Европски куп. Токму таа тежина на патеката, која бара и добра техника од скијачите, за него претставувала вистински предизвик.
– Од меѓународните постигнувања во конкуренција на сениори, најдобар пласман имав во спустот на Јахорина во 1974 година, петто место. Скиите ми ги подготви познатиот тренер Филип Гартнер, кој пред стартот ми рече дека го прави ова само за да победам барем еден скијач од Јесенице. И навистина тоа се оствари. И тоа не еден, туку победив неколкумина јесеничани. Во овој спуст хендикеп за мене беше тоа што имав висок стартен број, некаде над 100, и кога тргнав по патеката, таа веќе беше доста оштетена од претходните натпреварувачи, што претставуваше дополнителен проблем.
Инаку, на овој натпревар македонската екипа беше многубројна и во неа, покрај мене, беа Лесевски, Мартиновски, Спировски, Кечевски и Матовски. Од другите трки, најзадоволен бев со освојувањето на седмото место на Шарпланинскиот куп. Можеби овој пласман нема да ја имаше таа вредност ако не беше изборен во конкуренција на асови како што беа Јакопиќ, Газвода, Гашпаршиќ, сите од Словенија, потоа Грубер од Австрија, Нана од Италија и Попангелов од Бугарија, кои беа учесници и во трките за Светскиот куп – додава Маја.
СПОРТИСТ СО НЕМИРЕН ДУХ
Во кариерата на еден од нашите најдобри скијачи, особено била интересна 1977 година, кога се наоѓал на отслужување на воениот рок во домот на ЈНА на Попова Шапка. Истата година таму се одржувало првенството на Македонија, на кое на молба на воените власти настапил и Маја. Но, на крајот, откако победил во сите алпски дисциплини дошло до голема расправија за тоа дали да му ги признаат титулите, бидејќи се работело за војник.
Тошо Маја не се задоволи само со алпското скијање. Тој беше вистински трагач по возбуди, па затоа, паралелно со скијањето во 1971 година, почна да се занимава и со алпинизмот. Со познатиот алпинист Јове Поповски прво се искачи на Мон Блан, и тоа од сите правци, еднаш дури, за чудо на сите, и со скии. Потоа алпинистичката возбуда ја бараше и на врвовите на другите континенти. Така, Тошо Маја се искачи на Килиманџаро, а убави спомени носи и од качувањето на Аконкагва, највисокиот врв на Андите – 6.962 метри.
– Желба ми беше во градот Мендоза, лоциран во подножјето на планината, да се сретнам со Емануел Угарте, првиот алпинист што се искачил на Аконкагва. Откако му ги пренесов поздравите од Тибор Секељ од Суботица, кој напиша книга „Лектира за Аконкагва“, Угарте срдечно ме прими и поздрави со „Пор ла комбре“ (за врвот). Средбата беше пријатна, неговите доживувања интересни, искуствата што ми ги пренесе многу ми користеа подоцна, кога и јас тргнав да се искачувам на Аконкагва – вели Маја.
Тошо Маја не мируваше и понатаму трагаше по возбудата. Она што го привлекуваше беа моторот и желбата со него да крстосува низ светот. Се зачлени во мотоклубот „Владимир Бошков“ и учествуваше на повеќе европски релија. Во 2001 година, по еден разговор со Васил Тупурковски, со своите другари го става на маса проектот за пат во сончевите земји – преку Блискиот Исток до Египет. Но годините поминуваа, а реализација на проектот немаше. Конечно, во 2009 година тргнува со мотор по патот на Александар Македонски и преку Турција, Сирија, Јордан, потоа преку Синај, стигнува во Египет и крајната дестинација Александрија.
– Со ова патешествие, во кое поминав низ многу неизвесности, ја остварив желбата да одам по патот низ кој во победничките походи, со својата војска, врвел Александар Македонски – вели тој.
Нема сомнение дека Тошо Маја е една од најхаризматичните македонски спортски личности. Сепак, скијањето беше она по кое најмногу ќе се памети. Во него постигна врвни резултати, на кои и денес носталгично се сеќава.
Тошо Маја
Роден: 1949 година во Крушево
Кариера: СК Мечкин Камен, СК Младост, МК Владимир Бошков
Успеси: Повеќекратен македонски првак во алпско скијање, алпинист (искачени Мон Блан, Килиманџаро, Аконкагва), мотоциклист