Новиот стадион е најголем клупски во Лондон и втор по големина во Премиер-лигата, по „Олд Трафорд“ на Манчестер јунајтед. Првиот официјален меч, првенствен, ќе се одигра в среда, а противник на Тотенхем ќе му биде Кристал Палас
Премиерлигашот Тотенхем, конечно, по шестмесечно одложување ги отвори вратите на новиот грандиозен стадион во северниот дел на Лондон, со ревијалниот натпревар (за фудбалери до 18 години) помеѓу Тотенхем и Саутемптон (3-1). Новиот стадион, чија изградба чинеше 1,17 милијарда евра, е со капацитет од 62.062 седишта (стариот стадион „Вајт Харт Лејн“ собираше 36.284 луѓе) и се наоѓа речиси на истата локација на која до лани беше стариот стадион.
Првиот официјален натпревар, првенствен, ќе се одигра в среда, на 3 април, а противник на Тотенхем ќе му биде Кристал Палас. Челниците на Тотенхем не беа лажно скромни и својот нов стадион, кој, како што најавуваат, ќе биде отворен 365 дена во годината, го нарекоа најдобар во светот. Тој е најголем во Лондон (не сметајќи го „Вембли“) и втор по големина во Премиер-лигата, по „Олд Трафорд“ на Манчестер јунајтед (74.994 места).
Прекрасниот објект засега ќе се нарекува „Стадион на Тотенхем“ (теренот ќе биде со димензии 105х68 метри), а во меѓувреме ќе се бараат заинтересирани спонзори за користење на правото на името.
За современоста и за удобноста не треба да се трошат многу зборови. Таму е најголемиот стадионски екран во Европа, со 325 квадратни метри. Трибините се поставени така што ниту едно седиште од првите редови не е оддалечено повеќе од осум метра од теренот (на „Емирати“ навивачите на Арсенал се оддалечени 13, а на „Вембли“ 18 метри), а многу се размислувало и за акустичноста, за да се осигури што е можно подобра атмосфера. За оние што можат да си дозволат, има 8.000 премиум-седишта, а постојат и 265 места за инвалидски колички и три реони за оставање кучиња. На стадионот има и хотел со 180 соби.
Под тревата е инсталирана вештачка површина што ќе се користи за натпреварите од американската НФЛ-лига (Тотенхем има 10-годишен договор со НФЛ) и за концерти и други настани. Тревниот терен ќе може да се дислоцира во три дела за само 25 минути и ќе може се чува во „гаража“ десетина дена.
Јужната трибина (едноделна) е со капацитет од 17.500 седишта и е слична на трибината „Коп“ на Ливерпул и на „жолтиот ѕид“ на Борусија Дортмунд. Висока е повеќе од 34 метри, што е околу една третина од височината на „Биг Бен“ и висока колку и зградата на Би-би-си во центарот на Лондон.
Пред стадионот има 115 контролни точки за влез, каде што се скенираат билетите.
Цените на сезонските билети за возрасни ќе се движат од 795 до 2.200 фунти (од 930 до 2.570 евра), а за помладите, под 18 години, помеѓу 465 и 658 евра.
Стадион со сопствена пиварница
Во поттрибинскиот простор на новиот фудбалски стадион на англискиот премиерлигаш Тотенхем има 65 продавници за храна и за пијалаци. За издвојување е 65-метарскиот бар „Гол-лајн“, кој е најдолгиот од ваков вид во Европа. Стадионот има и своја микропиварница, која ќе произведува пиво за свои потреби. Во баровите ќе може да се наточат и до 10.000 чаши пиво во минута. Пластичните цевки и пластиката за еднократна употреба се отстранети, а на ѕидовите се наоѓаат спомен-плочи, слики на познати поранешни фудбалери и друго.
БРОЈКИ
62.062 капацитет, најголем клупски стадион во Лондон, втор во Премиер-лигата
17.500 седишта на јужната трибина, најголема од таков вид во В. Британија
325 квадратни метри е површината на семафорот
115 контролни точки за влез
65 ресторани за храна и пијалаци
65 метри е најдолгиот бар во Европа
25 минути за замена на тревната со вештачка површина за потребите на НФЛ
1 микропиварница на стадионот, прва од ваков вид
0 пластични цевки и воопшто пластика за еднократна употреба